Де Роси ја презема вината за нереализираниот пенал на „Сан Сиро“: Фудбалот носи и вакви моменти

Дерби

09/01/2026

13:08

393

Големина на фонт

а а а

Даниеле Де Роси може да биде разочаран од начинот на кој заврши натпреварот на „Сан Сиро“ против Милан, но од друга страна, да биде и горд на своите фудбалери кои вложија и последен атом на сили да го неутрлизираат фаворитот, но и да стигнат до победа.

Гостите добија пенал за победа во 99-та минута и имаа најдобра шанса да си заминат со огромни три бода од Милано, но Станчиу биеше високо над голот и наместо херој, прерасна во трагичар.

Фудбалерот на Џенова со силен удар донесе голема радост и меѓу дел од играчите на Милан кои му се радуваа во лице, но прв кој дојде да го утеши својот пулен беше токму Де Роси.

Тренерот на Џенова немаше забелешки за изведувачот на најстрогата казна, бидејќи токму тој бил негов личен избор за изведување на пеналот.

– Сметам дека ремито е најправедно. Милан не заслужи да загуби, но ние повеќе заслуживме да победиме. Имавме одлично прво полувреме против силен тим, но на крајот има и малку горчина поради финишот.

– Пред натпреварот имав двајца изведувачи на пенали, а тоа беа Малиновски и Мартин. Бидејќи двајцата ги извадив од игра, моја одлука беше Станчиу да го изведе пеналот. Тој има извонреден шут и одлично ги изведува на тренинзите, сметав дека е резонско решение. Жал ми е за него, тој е голем професионалец и секогаш е тука за тимот. Заслужи да се радува, но не можеме да бараме вина кај него. Тоа беше моја одлука, а фудбалот носи и вакви моменти, – изјави Де Роси по ремито (1:1).