Вообичаените конзерванси што се користат за зачувување на храната и продолжување на рокот на траење може да бидат поврзани со зголемен ризик од неколку видови рак и дијабетес тип 2, покажуваат две нови студии од Франција.
„Ова се исклучително важни резултати за конзервансите кои широко се користат не само на францускиот и европскиот пазар, туку и во Соединетите Американски Држави“, изјави Матилд Тувије, главен истражувач на студијата „NutriNet-Santé“, која беше користена во истражувањето, пренесува „CNN“.
Студијата за рак, објавена во списанието „BMJ“, следела 105.000 луѓе во период од 14 години и го испитувала влијанието на 58 конзерванси.
Анализата покажала дека шест конзерванси, меѓу кои натриум-нитрит, калиум-нитрат, сорбати, калиум-метабисулфит, ацетати и оцетна киселина, може да бидат поврзани со зголемен ризик од рак.

Натриум-нитритот, кој се користи во преработеното месо, е поврзан со 32 проценти поголем ризик од рак на простата, додека калиум-нитратот е поврзан со 22 проценти поголем ризик од рак на дојка и 13 проценти зголемен ризик од сите видови рак.
Студијата за дијабетес тип 2, објавена во списанието „Nature Communications“, следела речиси 109.000 учесници кои на почетокот на истражувањето немале дијабетес. Дванаесет од 17 испитувани конзерванси биле поврзани со до 50 проценти поголем ризик од развој на дијабетес тип 2 кај лицата кои консумирале најголеми количини.
Меѓу нив биле калиум-сорбат, калиум-метабисулфит, натриум-нитрит, оцетна киселина и натриум-ацетат.

Авторите предупредуваат дека ова се првите студии кои ја испитуваат врската меѓу конзервансите во храната и ризикот од рак и дијабетес тип 2, како и дека се потребни дополнителни истражувања за да се потврдат резултатите.
„Овие податоци ја поддржуваат потребата од преиспитување на регулативите што ја уредуваат употребата на адитиви во храната, со цел да се подобри заштитата на потрошувачите“, наведе Анаис Хасенболер, водечка авторка на студиите.









