[ВИДЕО] Холивудскиот актер бесен поради кампањата за донации: Им се обрати на фановите без да ја крие својата лутина

Точка

06/01/2026

19:09

2.271

Големина на фонт

а а а

Актерот Мики Рурк (73) јавно ја осуди кампањата за собирање донации што беше покрената со цел да се соберат пари за покривање на неговиот долг за кирија од 60.000 долари и да се спречи негово иселување, нарекувајќи ја целата ситуација „понижувачка“.

Во видео објавено на Инстаграм, Рурк директно ѝ се обрати на јавноста по повод кампањата на платформата „GoFundMe“, преку која се обидувале да соберат 100.000 долари за него. Видно вознемирен, актерот нагласи дека кампањата била започната без негово знаење и согласност и ги повика обожавателите да не донираат. Тој најави и дека ќе се консултира со адвокат со цел страницата за собирање средства да биде отстранета.

„Не би го направил ова на ваков начин“, изјави Рурк, потенцирајќи повеќепати колку му е непријатно јавно да се бара финансиска помош.


„Постои само една личност за која можам да помислам дека би го направила ова и се надевам дека не е таа на која мислам. Ова е понижувачки. Тоа не сум јас, разбирате? И дури и да ми требаа пари, никогаш не би молел за милостина. Попрво би си ставил пиштол во задникот и би повлекол чкрапало“, изјави актерот со груб, но искрен тон.

Позадина на случајот

Кампањата, наводно, ја организирала Лија-Џоел Џонс, која се претставила како асистентка на менаџерката на Рурк и тврдела дека сè било направено со негова согласност – тврдење што актерот остро го негира.


Во позадина на целиот случај се наоѓа правен спор со сопственикот на недвижнината, Ерик Т. Голди. Според судските документи, во моментот кога добил известување за иселување, Рурк должел 59.100 долари за кирија за куќа со три спални соби во населбата Беверли Гроув во Лос Анџелес. Станува збор за имот во кој некогаш живеел и познатиот писател на криминалистички романи Рејмонд Чендлер.

Подемите и падовите на Мики Рурк

И покрај сериозноста на ситуацијата, Рурк инсистира дека не е без пари. Тој призна дека позајмил средства од близок пријател за да го реши проблемот со долгот, но нагласи дека приватната помош е едно, а јавното собирање пари сосема друго.

„Никогаш не би барал пари од странци, обожаватели или од било кого – ни еден цент. Тоа не е мој стил“, порача актерот.

Во своето обраќање, Рурк се осврна и на своето минато, признавајќи дека лошо ја водел кариерата и дека со децении посетувал терапија за да се соочи со личните проблеми кои, како што вели, силно влијаеле врз неговото однесување.

Рурк се прослави во 1980-тите со улоги во филмови како „Динер“ (Diner) и „Девет и пол недели“ (Nine and a Half Weeks). На врвот од славата ја напушти глумата за да се посвети на професионалниот бокс, што, заедно со личните проблеми, сериозно му ја наруши кариерата. Сепак, во 2008 година доживеа голем камбек со филмот „Борачот“ (The Wrestler), кој му донесе Златен глобус и номинација за Оскар.


Неговото неодамнешно учество во реалното шоу „Биг Брадер за славни“ (Celebrity Big Brother) предизвика бројни контроверзии и реакции од гледачите поради несоодветни коментари и заканувачко однесување, за што подоцна јавно се извини.

И покрај сè, Рурк и понатаму е активен во филмската индустрија. Минатата година се појави во неколку филмови, меѓу кои и акцискиот трилер „Џејд“ (Jade), а во подготовка се и нови проекти. Иако кампањата на „GoFundMe“ го предизвика неговиот гнев, до понеделник навечер преку неа биле собрани повеќе од 95.000 долари.