[ВИДЕО] Барот во Швајцарија никој не го проверувал пет години: Прскалките сега се забранети

Макфакс

06/01/2026

13:21

1.315

Големина на фонт

а а а

Ски-барот кој изгоре на новогодишната ноќ не поминал низ безбедносни проверки пет години, открија швајцарските власти на прес-конференција.

Во трагедијата во „Le Constellation“ во одморалиштето Кран-Монтана загинаа 40 лица, а 116 беа повредени. Властите, исто така, објавија итна забрана за употреба на прскалки во локалните ресторани откако прелиминарната истрага покажа дека тие се веројатна причина за пожарот, јавува Би-би-си.

Пожарот избувнал во раните утрински часови на 1 јануари во подрумот на популарен бар кој бил преполн со гости, претежно млади луѓе.

Жртвите биле на возраст меѓу 14 и 39 години, а меѓу повредените имало најмалку 12 различни националности, од кои 83 се уште се во болница. Трагедијата доведе до кривична истрага против францускиот пар кој го водел барот, кои се осомничени за убиство од небрежност, телесни повреди од небрежност и подметнување пожар од небрежност.

Градоначалникот на Кран-Монтана, Николас Феро, потврди дека барот „Le Constellation“ не бил подложен на никакви безбедносни проверки, истраги или ревизии во последните пет години. „Жалиме за ова – им го должиме тоа на семејствата и ќе ја прифатиме одговорноста“, рече Феро.

Тој објасни дека тим од само пет лица вршел проверки во област со повеќе од 10.000 згради, вклучувајќи ресторани и хотели.

Градоначалникот нагласи дека властите сакале да бидат транспарентни „веднаш“ штом го откриле овој пропуст и истражуваат зошто се случил. Исто така, беше најавена целосна ревизија на сите објекти во областа.