[ФОТО] На Божиќ се роди Миха – првото бебе во 2026 година во Кочани

Макфакс

07/01/2026

19:43

2.646

Големина на фонт

а а а

На Божиќ, 7 јануари, во раните утрински часови се роди Миха, првото новороденче во 2026 година во Кочани. Мајката Виолета од Оризари роди здраво машко дете, второ во семејството Димитровски од Оризари.

Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов денеска го посети Гинеколошко-акушерското одделение во Општа болница – Кочани, каде што со д-р Илчо Атанасовски, којшто го изврши породувањето и со директорката на болницата Катерина Мирчовска-Паниќ ѝ ја честитаа рожбата на мајката.


Градоначалникот им ги врачи традиционалните подароци на бебето и на мајката и им посака добро здравје и многу среќа во животот.

– Во моментите кога го славиме најголемиот христијански празник, раѓањето на нашиот Бог, Исус Христос се раѓа и нова надеж во Кочани. Ова не е симболика, ова е јасна порака со која, Господ Бог е со нас и со негова помош ќе се трудиме да го направиме тоа што многупати го кажавме, за повторно раѓање на Кочани и на кочанската болница. Од мое лично име и од име на Општина Кочани на малиот наш сограѓанин, му посакувам безгрижно детство, многу здравје и да биде гордост на неговите родители и на нашиот град Кочани. Ние како Општина ќе бидеме посредник меѓу централната власт и институцијата болница во Кочани за што е можно побрзо возобноување и повеќе инвестиции, како на кадровско така и на организациско поле – рече градоначалникот Грозданов.


На Гинеколошко-акушерското одделение и на дежурната екипа градоначалникот им врачи подароци и им посака успешна работа во 2026 година.

Доктор Илчо Атанасовски соопшти дека во 2025 година на Гинеколошкото одделение во Кочани се извршени 1600 прегледи и 230 хоспитализации. Бројот на породувања е помал во споредба со лани, но бројот на дијагностицирани карциноми е зголемен од 5 во 2024 на 16 во 2025.

Според директорката Паниќ-Мирчовска се очекува брзо кадровско екипирање на Гинеколошко-акушерското одделение со нови специјалисти, како и подобрување на медицинската опрема во кочанската болница.