Според градските прописи, за паркирање на тревник е предвидена казна од 250 долари дневно, која со текот на времето пораснала на повеќе од 100.000 долари.
Една мајка од Флорида се нашла во безизлезна ситуација откако казните за, како што се наведува, „помали прекршоци“ се наталожиле на дури 165.250 долари. Сè започнало кога го паркирала автомобилот делумно на тревникот, а случајот завршил откако Врховниот суд на Флорида одбил да го разгледува.
Санди Мартинез од градот Лантана живеела во куќа во која престојуваат шест лица, додека четири членови на домаќинството користат автомобили. Кога сите биле паркирани на куќниот приод, еден автомобил морал делумно да стои на тревникот.,
Според градските прописи, за тоа е предвидена казна од 250 долари дневно, која со текот на времето се искачила на повеќе од 100.000 долари, пишува „CarScoops“.
Проблемот дополнително се искомплицирал бидејќи, според наводите од судската документација, Мартинез не можела да паркира на улица поради тесен коловоз без рабници. Иако за прекршокот била известена уште во 2019 година и побарала решение, наводно не успеала да стапи во контакт со надлежните и со текот на времето го заборавила проблемот.
Казните продолжиле да се пресметуваат сè додека не се обидела да ја рефинансира куќата и тогаш дознала колкав долг има.

Паркирањето, меѓутоа, не било единствениот спор со градот. Претходно била казнета и поради пукнатини на куќниот приод, што резултирало со казна од 16.125 долари, иако оштетувањата биле само од естетска природа.
По бура што ја срушила оградата, казните повторно почнале да растат додека чекала исплата од осигурувањето, па долгот се зголемил за уште 47.375 долари.

Вкупните казни повеќекратно ги надминуваат нејзините приходи – Мартинез работи во здравствена установа и заработува околу 20 долари на час, што значи дека дневните казни биле повисоки од нејзината дневница.
Иако, благодарение на законите на Флорида, е заштитена од губење на куќата, правните застапници предупредуваат дека ваков долг практично ѝ ја одзема целата вредност на имотот и ѝ оневозможува да ја продаде куќата или да започне нов живот на друго место.












