Како да се продолжи работниот век на автомобилскиот акумулатор

Точка

03/01/2026

09:36

651

Големина на фонт

а а а

Студено утро, брзате на работа, а автомобилот не сака да запали – сценарио кое на многу возачи им е премногу познато. Акумулаторите понекогаш знаат непријатно да изненадат и да откажат токму кога најмногу ни се потребни, но со неколку едноставни совети можете значително да им го продолжите работниот век и да избегнете непланирани трошоци.

Постојат повеќе знаци што предупредуваат дека акумулаторот е при крај. Ако забележите дека внатрешните или надворешните светла се придушуваат при стартување на моторот или слушнете звук на кликање при обидот за палење, време е за проверка. Работниот век на стандардните оловни акумулатори обично изнесува од три до пет години, додека AGM акумулаторите можат да траат меѓу четири и седум години. Како општо правило, се препорачува замена на акумулаторот по пет години користење, бидејќи ризикот од ненадеен дефект значително се зголемува.

Исклучувајте сè што не ви е потребно

Оставањето дури и на едно внатрешно светло вклучено преку ноќ може да го испразни акумулаторот до таа мера што наутро нема да можете да го стартувате автомобилот. Истото важи и за сите други уреди како надзорни камери, радио, GPS уреди или грејачи на седиштата.

Таканаречените паразитски празнења, предизвикани од дополнително вградени компоненти што не се исклучуваат по гаснењето на автомобилот, полека ја трошат енергијата и со текот на времето го исцрпуваат акумулаторот. Тоа доведува до чести длабоки празнења, што може да му го скрати работниот век на само две години. Ако се сомневате на ваков проблем, со мултиметар можете да ја проверите потрошувачката на струја додека автомобилот е изгасен – секое отчитување над 50 милиампери укажува на „тивок потрошувач“.


Редовното возење е клучно

Исто како што мускулите слабеат без вежбање, така и акумулаторите најдобро функционираат кога редовно се користат. Оставањето на автомобилот да стои две недели или подолго може да доведе до празнење на акумулаторот. Повторените длабоки празнења му го скратуваат векот, па возење од најмалку половина час еднаш неделно е најдобар начин да го одржите во добра форма.

Ако планирате да го паркирате автомобилот на подолг период, на пример во текот на зимата, наполнете го акумулаторот целосно, исклучете ги сите електрични уреди и оставете го возилото на студено место. Производителите препорачуваат температура од околу 15,5°C, бидејќи повисоките температури ја забрзуваат корозијата. Во вакви ситуации корисен е и полнач за одржување, кој ќе ја одржува оптималната наполнетост.

Избегнувајте кратки релации

Ниту моторот, ниту акумулаторот не ги сакаат кратките возења. За време на кратки патувања акумулаторот нема доволно време целосно да се наполни, што со текот на времето може да предизвика создавање сулфатни кристали на неговите плочи и на крај да му го намали работниот век.

Алтернаторот, кој ги снабдува електричните компоненти и го полни акумулаторот, едноставно не работи доволно долго на кратки релации. Ако ваквите возења се неизбежни, проблемот може да се ублажи со користење уред за одржување на акумулаторот. Стручњаците советуваат патувањата пократки од 16 километри да се сведат на минимум или повремено да се вози подолга релација, на пример по автопат, за да му се овозможи целосно полнење.


Чувајте го од екстремни температури

Исто како што електричните возила губат домет при екстремна жештина и студ, така и класичните акумулатори страдаат во такви услови. Високите температури можат да предизвикаат побрзо пропаѓање, додека екстремниот студ ги намалува перформансите. Интересно е што, според податоците на Consumer Reports, акумулаторите траат подолго во постудените северни региони (просечно 58 месеци) отколку во потоплите јужни области (околу 41 месец).

Жештината го забрзува губењето на наполнетоста, а студот ја згуснува течноста во акумулаторот, поради што е потребна повеќе енергија за стартување на моторот. За да го намалите штетното влијание, летно време паркирајте во сенка или под настрешница, а зиме во гаража. Ако буџетот ви дозволува, AGM акумулаторите се подобар избор бидејќи подобро ги поднесуваат температурните екстреми.

Чистота и безбедност на прво место

Нечистотијата и масните наслаги можат да ја нарушат ефикасноста на акумулаторот. Ако ги забележите, избришете ги со крпа. Нечистотиите и прашината на приклучоците, во комбинација со испарувања од сулфурна киселина, доведуваат до корозија што го зголемува електричниот отпор. Поради тоа стартерот мора да влече повеќе струја, што го отежнува палењето и го скратува работниот век на акумулаторот.

Корозијата можете да ја исчистите со четка и мешавина од вода и сода бикарбона, а потоа да нанесете маст како превентивна мерка. Исто така, проверете дали акумулаторот е цврсто прицврстен на носачот – постојаните вибрации можат да ги оштетат неговите внатрешни компоненти. За акумулатори постари од три години се препорачува годишна проверка. Како и кај повеќето работи поврзани со одржување на возилото, превенцијата е клучна.