Според претходните најави на Илон Маск, производството на ова возило треба да започне во април 2026 година.
По долги години и бројни најави, „Tesla“ во јуни конечно ја активираше својата услуга за роботакси. За почеток, таа услуга не го вклучува „Cybercab“ – возилото без волан и педали за гас и кочница – туку верзија на „Model Y“ со најновата верзија на софтверот „FSD“, кој може целосно самостојно да управува со автомобилот. Исто така, бидејќи станува збор за почетна фаза на тестирање, во тие автомобили сè уште мора да седи безбедносен возач.
Маск неодамна најави дека наскоро повеќе нема да има потреба од безбедносен возач на предното седиште, а сега на интернет се појавија нови информации кои покажуваат дека „Tesla“ со крупни чекори се движи кон роботакси-сервис кој би требало да стане секојдневие на многу американски патишта. Големиот план на Маск е во текот на годините бројот на вакви „Tesla“ возила без возач да порасне до дури еден милион.
До тој момент, секако, сме сè уште многу далеку, но дека „Tesla“ е на добар пат покажуваат снимките од Остин, каде што на улиците сега можат да се видат и првите прототипи на „Cybercab“. Доколку сите тестирања поминат успешно, „Tesla“ планира да започне со производството на „Cybercab“ во април наредната година. Со тестирањата на „Cybercab“ компанијата започна уште пред неколку месеци, но на почетокот тие беа ограничени исклучиво на тест-полигон во нивната фабрика во Фримонт, а сега се проширени и на јавни патишта и реални сообраќајни услови.
Tesla CyberCab in the wild! HAS steering wheel @SawyerMerritt @Tesla_AI #cybercab pic.twitter.com/CaSglJmY8N
— Matt Barge (@matthewbarge) December 27, 2025
Додека во моментов за превоз на патници во роботакси-сервисот на „Tesla“ се користи постоечкиот „Model Y“, приспособен за автономно возење, „Cybercab“ од самиот почеток е развиван со идеја да се користи исклучиво и само за роботакси-услугата. Иако таквите возила, значи, немаат волан, ниту пак луѓето во нив можат да користат педали за гас и кочење, снимките од Остин покажуваат дека прототипите кои се појавија во сообраќај сепак – имаат волан.
Кога ваквите возила ќе се покажат како доволно сигурни и кога ќе соберат доволно податоци, може да се очекува следниот чекор – тестирање на финалните прототипи кои навистина нема да имаат волан.
Но, до стартот на роботакси-сервис во кој ќе се користат исклучиво „Cybercab“ возила, ќе помине уште време, бидејќи претходно се потребни регулаторни одобренија, како и техничка валидација, за да се обезбеди безбедноста и сигурноста на овие возила во предизвикувачки сообраќајни услови, каде што компјутерите ќе ја делат улицата со човечки возачи.
Со оглед на тоа што Маск повеќепати истакна дека роботаксијата, заедно со роботите, се клучни за иднината на „Tesla“, јасно е колкаво значење има „Cybercab“ за компанијата, бидејќи само една грешка на патот може сериозно да ја искомплицира целата ситуација за „Tesla“.















