Австралиската научна агенција „CSIRO“ спроведе експеримент на Антарктикот кој на почетокот изгледаше како целосен неуспех, но на крајот се претвори во голема научна добивка.
Океански робот, испратен да собира податоци во близина на глечерот Тотен, скршнал од планираната траса и завршил на локација што е исклучително тешка за истражување.
Роботот бил опремен со сензори за температура и салинитет на морето и требало на секои 10 дена да излегува на површината за да испраќа податоци до сателитите. Наместо тоа, морските струи го одвлекле под мразот на глечерот Денман, каде што цели девет месеци не можел да комуницира со истражувачите.

Иако научниците стравувале дека е засекогаш изгубен, роботот неочекувано повторно се појавил, носејќи со себе исклучително вредни податоци. За време на своето „исчезнување“ собрал 195 профили на мерења и, удирајќи во долната страна на глечерот Шеклтон, ненамерно ја мерел и неговата дебелина.
Анализата покажала дека глечерот Шеклтон засега не е загрозен од топли морски струи, но дека под глечерот Денман се наоѓа топла вода што го забрзува неговото топење. Само овој глечер би можел да го зголеми глобалното ниво на морето за речиси 1,5 метри.

Посебна вредност има фактот што ова се првите некогаш забележани океанографски мерења на ова ниво во Источен Антарктик. Податоците беа објавени во декември 2025 година во научното списание „ScienceAdvances“ и веќе се сметаат за клучни за разбирање на идните ризици за крајбрежјата ширум светот.






