Се верува дека Јосип Броз Тито уште за време на последната новогодишна ноќ претчувствувал дека неговиот крај се ближи. Неговиот говор од дочекот на 1980 година, одржан во Караѓорѓево, денес се гледа како своевидна проштална порака до народот – мирна, достоинствена, но проткаена со свесноста дека неговото здравје е сериозно нарушено.
На снимката што и денес кружи на интернет се гледа претседателот на СФРЈ како им упатува новогодишна честитка на граѓаните. Иако се обидувал да ја задржи ведрината и авторитетот, било очигледно дека тешко се движи, зборува побавно и се потпира на бастун. Многу историчари и современици сметаат дека Тито тогаш знаел дека тоа е неговиот последен дочек на Нова година.

„Другарки и другари, дозволете ми да ви ја честитам 1980 година. Верувам дека во таа година ќе постигнеме уште подобри цели од оние што ги постигнавме досега. Многу успеси, другарки и другари“, рекол Јосип Броз Тито таа вечер во Караѓорѓево.
Тоа била неговата последна новогодишна честитка. Само четири месеци подоцна, на 4-ти мај 1980 година, Тито почина, а Југославија потона во повеќедневна жалост.
Тешка болест и борба која траела 122 дена
Во моментот на последниот новогодишен дочек, Тито веќе имал сериозни здравствени проблеми. Официјално, неговата борба со болеста траела 122 дена, а причината било тешко запушување на крвните артерии во левата нога.

На 12 јануари 1980 година му бил вграден бајпас, но состојбата набргу се влошила. Девет дена подоцна лекарите биле принудени да ја ампутираат ногата, со надеж дека така ќе му го спасат животот. Меѓутоа, и покрај сите напори, неговата состојба од ден во ден се влошувала.
Органите почнале еден по еден да откажуваат, Тито бил воведен во вештачка кома, а лекарите се бореле до последниот момент. Битката ја загубил на 4-ти мај во 15:05 часот, во Клиничко-болничкиот центар во Љубљана, на 88-годишна возраст.
Сведочење на личниот лекар: Сè беше апсолутна тајна
Д-р Миломир Станковиќ, личниот лекар на Тито за време на лекувањето во Љубљана, подоцна сведочел за драматичните и строго доверливи денови што ѝ претходеле на смртта на југословенскиот претседател.
„Се работеше за оклузивна ангиопатија која не беше последица на дијабетес. Беше зафатена бутната артерија и ногата му беше загрозена. Јас бев одговорен и морав нешто да направам, па се обидов да го убедам да го прегледа лекарски конзилиум“, се присетил Станковиќ и додал:

„Сè беше во целосна тајност. Дури ни на сопругата не смеев да ѝ кажам дека утредента на Тито ќе му биде ампутирана ногата. Никогаш не знаевте кој слуша“, раскажал д-р Станковиќ во емисијата на Мира Адања Полак.
Тој открил и дека во клиничкиот центар биле предупредени да не трчаат по ходниците, за новинарите да не посомневаат дека се случува нешто итно.
„Инјекциите ги носевме во торби за да не се гледа што внесуваме. Никој од неговата придружба не знаеше што му даваме. Сè беше апсолутна тајна“, рекол лекарот.

Тито наводно одбивал да ја прифати дијагнозата, но по извесно време почувствувал страшни болки во ногата.
„Нѝ рече: ‘Ако ми ја отстранат ногата, сам ќе си пресудам’. Кога мораше да оди во болница, му го сокривме пиштолот што тајно го чувал“, открил лекарот, додавајќи дека никој не смеел да каже дека ампутацијата е неизбежна.
„Терапијата што не делуваше ја продолжуваа бескрајно. И сè беше така додека ногата не се исуши, а кога се исуши, го отру организмот“, рекол тој.
Тито сакал гробница како Френклин Рузвелт
Уште за време на животот, Тито имал јасна визија како сака да биде погребан. По посетата на семејниот дом на Френклин Рузвелт, бил длабоко импресиониран од едноставноста на гробното место на американскиот претседател.
Повеќепати зборувал дека и самиот би сакал да почива во цветна градина, под отворено небо, во саркофаг од бел мермер со едноставен натпис што би го содржел само неговото име, презиме, прекар и годините на раѓање и смрт.

Таа желба му била и исполнета.
Инспирирана од гробницата на Рузвелт, во Белград била уредена „Куќата на цвеќето“, која ја опкружува претседателската градина полна со разновидно цвеќе и растенија. Саркофагот со посмртните останки на Тито бил поставен непосредно под лантерната, за симболично да почива под „отворено небо“.
Трка со времето: Гробницата била завршена за 72 часа
Организаторите на погребот имале само 72 часа да подготват сè – бетонирана била површина од околу 200 квадратни метри и била изградена гробницата, просторот за поворката и трибините за стотици светски државници.
Монументалната надгробна плоча тежела дури девет тони. Инженерот Гавриловиќ подоцна сведочел дека, поради телевизискиот пренос, било одлучено за време на погребот да се постави полесна мермерна маска, додека вистинската плоча била спуштена подоцна.

Ковчегот со посмртните останки, кој пристигнал од Љубљана три дена претходно, бил дополнително обложен со бакарна маска, а над него била поставена бетонска плоча, за претседателот да почива мирно и трајно.
Дури во доцните вечерни часови на 8-ми мај 1980 година, во присуство на мал број луѓе, погребот на Јосип Броз Тито бил целосно завршен.
















