Од трговските тензии и високата задолженост до стравот од пукање на балонот во областа на вештачката интелигенција – глобалната економија ќе се соочи со низа ризици кои во наредната година би можеле да го забават растот, пишува Дојче Веле.
Глобалната економија во текот на 2025 година помина низ многу предизвици, вклучувајќи остри трговски тензии, нерамномерен, но умерен раст, како и растечка загриженост поради зголемената инфлација и нивото на задолженост во многу делови од светот. Се очекува голем дел од тие проблеми да се пренесат и во 2026 година.
Се проценува дека глобалниот раст умерено ќе се забави – од 3,2 отсто во 2025 на 2,9 отсто во 2026 година, според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Оттаму наведуваат дека светската економија оваа година покажала отпорност, но дека и понатаму останува кревка.
Царините на Трамп
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го шокираше светот во април со воведување нов царински режим, чија цел беше намалување на големите американски дефицити преку преобликување на глобалните трговски текови. Тој потег предизвика потреси на пазарите, неизвесност кај компаниите и приспособување на синџирите на снабдување.
Вашингтон, во меѓувреме, постигна договори со бројни трговски партнери. Сепак, просечната американска царинска стапка порасна од 2,5 отсто, колку што изнесуваше кога Трамп во јануари се врати во Белата куќа, на 17,9 отсто – највисоко ниво од 1934 година – според пресметките на Буџетската лабораторија при Универзитетот Јејл, пишува Дојче Веле.

Се очекува Врховниот суд на САД наредната година да донесе одлука дали претседателот може да го заобиколи Конгресот и да воведе царини повикувајќи се на вонредна состојба. Многу набљудувачи очекуваат дека највисоката судска инстанца ќе го потврди ставот на пониските судови дека царините на Трамп не се во согласност со законот.
Дури иако судиите ги поништат тие царини, администрацијата би можела да посегне по други правни средства за повторно да воведе дел од давачките. Поради тоа, царините веројатно ќе останат едно од клучните прашања и во 2026 година.
Трговски тензии меѓу САД и Кина
Алиша Гарсија-Ереро, главна економистка за Азија и Пацифик во француската инвестициска банка „Натиксис“, изјавила дека царините на Трамп во 2026 година посилно ќе ги погодат азиските земји. Како причини ги навела продолжувањето на геополитичките тензии, сè поголемата фрагментација на трговијата и отсуството на подлабока регионална интеграција што би можела да ги ублажи ефектите од царините.
Трговските тензии меѓу САД и Кина, двете најголеми светски економии, исто така веројатно ќе продолжат. Тензиите донекаде се смирија откако Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг се сретнаа во октомври и договорија дванаесетмесечно примирје во трговската војна.
Сепак, тоа примирје останува кревко, а основните економски и стратешки проблеми и натаму се нерешени.

„Договорот меѓу САД и Кина повеќе личи на прекин на огнот отколку на траен мировен договор што би ја завршил трговската војна меѓу двете земји“, изјавил за ДВ Раџив Бисвас, извршен директор на компанијата за анализа на ризици „Asia Pacific Economics“.
„САД и Кина остануваат заробени во геостратешко натпреварување, кое поттикнува ривалство во клучни области како што се одбранбените технологии и напредните производствени индустрии, како вештачката интелигенција, квантното компјутерство и роботиката“, додал тој.
Бисвас нагласил дека борбата за технолошка доминација меѓу САД и Кина веројатно ќе продолжи и наредната година. Како што навел, ќе дојде до „сè почеста употреба на царини, санкции и други економски мерки во клучните области на технолошкото ривалство, како што се напредната воена опрема, чипови за вештачка интелигенција, квантното компјутерство и роботиката“.
Кинеска економија – дисбаланс меѓу понудата и побарувачката
И покрај тоа, се очекува кинеската економија и наредната година да остане релативно отпорна, со раст од околу 5 отсто, во согласност со неодамнешните цели на владата.
Сепак, длабоко вкоренетите структурни проблеми остануваат, како „демографското стареење, опаѓањето на маргиналната продуктивност на капиталот и вишокот капацитети во многу индустриски сектори, како што се челикот, бродоградбата и хемиската индустрија“, рекол Бисвас.

Нил Ширинг, главен економист во лондонската куќа „Capital Economics“, во една анализа истакнал дека кинескиот модел на раст „и натаму ѝ дава предност на понудата во однос на побарувачката, што доведува до хроничен вишок капацитети и упорно слаба потрошувачка на домаќинствата“.
За да се ублажат тие проблеми, кинеските лидери неодамна ветија дека, меѓу другото, ќе ја поттикнат домашната потрошувачка и ќе го стабилизираат огромниот и проблематичен пазар на недвижности. „Носителите на одлуки ветуваат дека ќе се позанимаваат со тој проблем, но дисбалансот ќе остане обележје на кинеската економија и во 2026 година“, оцени Ширинг.
Инфлација и висока задолженост
Инфлацијата, во меѓувреме, во многу делови од светот остана зголемена, вклучувајќи ги САД и еврозоната, делумно и поради царините. Натамошно зголемување на трговските бариери или нарушувања во синџирите на снабдување би можеле да го забрзаат растот на цените, што би ги ставило централните банки пред дилема – дали да ги зголемуваат каматните стапки за да ја сузбијат инфлацијата или да ги задржат ниски за да го поддржат растот.
Порастот на каматните стапки би можел да му наштети на економскиот раст и да предизвика нагол скок на трошоците за сервисирање на долгот во високо задолжени и финансиски послаби земји.
Многу земји од еврозоната, како Франција, се особено ранливи, бидејќи нивните влади имаат тешкотии да протуркаат непопуларни мерки за намалување на потрошувачката за да ги ограничат дефицитите и растечкиот долг.

„Фискалните притисоци што во повеќе наврати оваа година ги потресоа инвеститорите ќе продолжат да ги прогонуваат пазарите и во 2026 година. Сега е широко прифатено дека јавните финансии во неколку големи развиени економии се наоѓаат на неодржлива траекторија“, напишал Ширинг.
Германската економија, најголемата во Европската унија, која сè уште се бори да излезе од долготрајниот застој, би требало наредната година да добие поттик преку зголемена државна потрошувачка за одбрана и инфраструктура. Сепак, расположението во деловниот сектор останува мрачно.
Водечките економски институти неодамна ги намалија прогнозите за раст за 2026 година. Институтот Ифо, на пример, сега предвидува раст од само 0,8 отсто, во однос на претходната процена од 1,3 отсто. Германската влада, меѓутоа, и понатаму прогнозира раст од 1,3 отсто во 2026 година.
Што ако пукне балонот на вештачката интелигенција
Се очекува бумот во областа на вештачката интелигенција да продолжи и наредната година. Големите американски технолошки компании веќе издвоија стотици милијарди долари за изградба и проширување на инфраструктурата, како што се центри со сервери.
Се претпоставува дека тие инвестиции значително ќе придонесат за растот на бруто-домашниот производ во САД, во споредба со други делови од светот, каде што вложувањата се значително помали.

Сепак, инвеститорите се сè понервозни поради високите процени на вредноста на американските технолошки компании, бидејќи сè уште не е јасно дали огромните вложувања во инфраструктура за вештачка интелигенција на крајот ќе бидат исплатливи. Некои стравуваат дека се формирал балон што би можел да пукне и да предизвика распродажба на пазарите.
Алиша Гарсија-Ереро за ДВ изјавила дека „револуцијата на вештачката интелигенција е структурна“ и дека технолошката трансформација и нејзиното усвојување ќе продолжат и во 2026 година. Таа, сепак, предупредила дека наглиот пад на вложувањата во вештачката интелигенција, доколку балонот пукне, силно би ја погодил американската економија и домаќинствата, што веројатно би ја турнало најголемата светска економија во рецесија и би го забавило глобалниот раст.
















