Иако пазарот на криптовалути во текот на годината поминуваше низ силни осцилации, податоците покажуваат дека рударите на биткоин во 2025 година во повеќе наврати оствариле високи приходи.
И покрај падот на цената на биткоин и зголемената волатилност на пазарот на криптовалути, 2025 година завршува како најуспешна досега за рударите на биткоин. Според податоците на „TechGaged“, вкупните приходи на рударите до крајот на декември достигнале рекордни 16,75 милијарди долари, што е речиси за 3 милијарди повеќе од 2024 година и за 130 милиони долари над досегашниот рекорд од 2021 година.
Иако профитите во четвртиот квартал значително се намалија поради падот на цената на биткоин од околу 23 проценти, рударите и во тој период сепак оствариле приходи од 3,93 милијарди долари. Тоа е околу една милијарда долари помалку од рекордниот трет квартал, но и натаму за 440 милиони долари повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Сепак, да се вратиме на почетокот на годината. Во првиот квартал, забавувањето на крипто-пазарот, послабата мрежна активност и пониските трансакциски надоместоци ги намалија приходите на 3,81 милијарда долари, што е за 650 милиони помалку во однос на претходната година. Но, ситуацијата значително се подобри во вториот квартал, кога зголемените трансакциски надоместоци и растот на цената на биткоин ги поттикнаа приходите на 4,05 милијарди долари, односно 24 проценти повеќе на годишно ниво.
Најдобрите резултати беа забележани во третиот квартал, кога рударите речиси ја достигнаа границата од 5 милијарди долари приходи, што претставува највисок квартален износ досега. Просечните месечни приходи во тој период изнесувале 1,64 милијарди долари, дури 92 проценти повеќе отколку една година претходно.

Благодарение на овие резултати, дури четири од десетте најуспешни месеци во историјата на крипто-рударењето се случиле токму во 2025 година. Пред неа остануваат само поединечни месеци од 2021 и 2024 година, кои досега се сметаа за врв на профитабилноста во рударењето.
Анализата на кварталните податоци дополнително потврдува постабилна и посилна година за рударите. Додека во 2024 година тие во просек заработувале 3,1 милијарда долари по квартал, во 2025 тој просек пораснал на 4,2 милијарди долари, односно околу 900 милиони долари повеќе. Во исто време, разликите меѓу најслабиот и најсилниот квартал биле значително помали отколку една година претходно, што укажува на поголема отпорност на секторот на пазарни шокови.







