Поскапувањето на електричната енергија отвора уште една непроспиена дилема: дали ударот ќе го почувствуваат само домаќинствата или ќе се прелее и врз цените на производите и услугите во речиси секој сектор?
Во дел од бизнис-заедницата веќе владее воздржан страв дека новите сметки ќе донесат дополнителен притисок врз крајните цени.
Некои компании тивко пресметуваат, други веќе се подготвуваат за некакви корекции… а трети велат – ништо драматично.
„Ако струјата оди нагоре, а ние сме производствен бизнис со константни машини, ладилници, погони, нема како да не се почувствува. Тоа е директен трошок што се втиснува во секој производ, од првиот чекор па сѐ до финалната продажба“, вели еден искусен познавач од индустријата и додава дека најмногу ќе бидат погодени фирмите каде електричната енергија е „срцето“ на процесот.
Таквите веќе калкулираат дека поскапувањето може да оди како лавина: прво сметки, потоа маржи, па цени на пазарот… и така без многу простор за маневрирање.

Но, не се сите толку песимистички. Има и спротивни анализи – пооптимистички, или барем прагматични.
Според друг експерт, реалноста не изгледа толку црна:
„Да, поскапува, не е пријатно. Но во последните месеци имаме намалени цени на дел од суровините и нафтените деривати. Тие корекции можат да ја апсорбираат штетата, барем делумно. Не мора сѐ да заврши со повисоки цени кај граѓаните“.
Според него, дел од компаниите ќе се обидат да го „проголтаат“ ударот за да ја зачуваат конкурентноста, барем додека пазарот не покаже појасен правец.
„Може и да не дојде до драматични поскапувања… ама и тоа никој не го гарантира“, посочува нашиот соговорник.
Во позадина на оваа поделена атмосфера стои едно непишано правило: таму каде што струјата е само мал дел од трошоците – веројатно нема ни големи поместувања.
Но во секторите што буквално „живеат на струја“, како ладилни системи, метална индустрија, текстил со големи погони, печки, машини што работат без прекин – тука секоја промена во енергетиката се прелева директно на ценовниците.
„Не е можно да не влијае. Колку ќе влија,– тоа е друг филм“, вели еден аналитичар што одбива да прогнозира.

Домаќинствата веќе се психолошки подготвени на нови, поголеми сметки, иако никој не сака да прифати дека нивниот животен стандард ќе се крева или паѓа со секој киловат час.
Компаниите, пак, се најдоа во меѓузона – не сакаат да губат купувачи, но ниту можат бесконечно да работат со намалена заработувачка. И токму таму се крши целата приказна: ако нема доволно пазарен здив, ако купувачот веќе е „растегнат“ до крај, многу фирми ќе мора да бираат меѓу преживување или намалување на профитот. И да, најчесто првиот чекор е – поскапување.
Дури и ако никој не сака да го каже на глас.
Целиот текст прочитајте го ТУКА.















