Германските шпедитери ги повикаа политичарите да преземат мерки за намалување на недостигот на возачи на камиони, објавија германските медиуми.
„Моментално имаме недостиг од над 120.000 возачи на камиони, а ситуацијата може да стане уште полоша“, изјави за „Ројтерс“, Дирк Енгелхард, портпарол на Германското здружение на шпедитери (BGL).
Тој рече дека 30.000 до 35.000 возачи се пензионираат секоја година, додека само 15.000 до 20.000 нови возачи влегуваат на пазарот на трудот.
„Јазот помеѓу понудата и побарувачката за возачи ќе станува сè поголем и поширок“, рече Енгелхард.
Тој вели дека многу шпедитери се принудени да одбиваат понуди за превоз на стока поради недостаток на достапни возачи.
Во Германија, 80 проценти од стоката сè уште се транспортира по пат, иако со години има иницијативи за префрлање на што е можно повеќе превоз на стока на железница.
Енгелхард, во име на Унијата на шпедитери, го изрази својот страв во случај на проширување на руската агресија во други европски земји.
„Во тој случај, сите камиони би биле принудени да се вратат во својата земја на потекло, а веќе речиси секој втор камион на германските патишта има странски регистрации“, рече Енгелхард.
Тој апелираше до политичарите да го олеснат издавањето работни визи за возачите од земји кои не се членки на Европската Унија.







