Ана Пејковска јавно објави дека нејзиното куче починало по престој во пансионот за кучиња „Ав ав“, тврдејќи дека миленикот ѝ бил вратен во исклучително тешка здравствена состојба и заразен со парвовироза.
Таа преку социјалните мрежи изнесе сериозни обвинувања дека во пансионот има присуство на парвовирус и ги повика сопствениците итно да си ги земат своите миленици.
„‘Ав ав’ ми го убија кучето. Сите да си ги земете кучињата и да ги однесете дома. Во хотелот има парвовирус. Земете ги навреме, пред да ви ги изгладнат со денови без да ве известат, и да ви умрат во раце веднаш штом ќе ги преземете“, гласи објавата на Пејковска, пренесува „Скопје1“.

Според нејзиното сведоштво, кучето по име Мајло престојувало во пансионот вкупно десет ноќи. На 25 декември, околу 17 часот, ѝ бил вратен со објаснување дека тој ден не јадел и бил нерасположен. Таа наведува дека веднаш по преземањето, уште пред да стигнат дома, кучето повратило и колабирало, по што итно било однесено на ветеринар.
„На ветеринар ни соопштија дека станува збор за парвовирус и дека Мајло е речиси во терминална фаза. Подоцна ја контактирав ветеринарката за која ми беше кажано дека изјавила дека кучето е во добра состојба, а таа ми потврди дека имало крв во изметот — информација што никогаш не ми беше пренесена од пансионот. Мајло имаше обилно крвавење, од 5,5 килограми падна под четири. Ми го вратија како сенка од куче. Ова не се случува преку ноќ, туку е резултат на денови болка, гладување и игнорирање“, наведува Пејковска.
И покрај интервенцијата на ветеринарите со инфузии и терапија, состојбата, според неа, била веќе критична и кучето починало. Таа смета дека доколку пансионот навреме реагирал и ја информирал за здравствените проблеми, постоела реална можност животното да преживее.
Во меѓувреме, Пејковска објави и преписка за која тврди дека се водела меѓу пансионот и друг клиент, кој прашувал дали неговото куче било во контакт со починатиот Мајло. Според објавените скриншотови, сопственикот бил уверуван дека таков контакт немало, но подоцнежните тестирања покажале дека и тоа куче, иако возрасно и со претходни здравствени проблеми, било позитивно на парвовирус.

Сведоштво јавно објави и Викторија Арсова, која тврди дека поминала еден ден на пракса во пансионот и таму затекнала, како што наведува, сериозно загрижувачки услови. Таа пишува дека кучињата биле сместени во боксови без вода, спиеле директно на плочки, а излегувањето надвор било краткотрајно и главно служело за фотографирање за социјалните мрежи. Арсова тврди и дека била сведок на груб однос кон животните, при што тие биле удирани со метла за да се придвижат назад во боксовите.

Реакции се појавија и на официјалната фејсбук-страница на пансионот, каде корисници бараат објектот привремено да престане со работа и да се спроведе целосна дезинфекција поради сомнеж за присуство на парвовирус. Во коментарите се поставуваат и прашања дали пансионот има намера јавно да информира дека просториите се потенцијално контаминирани.
Во уште едно сведоштво, објавено анонимно, а споделено од Пејковска, сопственик наведува дека неговото куче по шест ноќи престој во пансионот било вратено значително ослабено, а подоцна било дијагностицирано со парвовироза. „Ми беше кажано дека е под стрес и дека затоа не јадело“, стои во објавениот принт-скрин.

По повод целата ситуација се огласи и пејачката Бојана Скендеровски, која напиша дека го оставила својот померанец на чување во пансионот, но тој угинал откако го оставиле дехидриран. Вели дека пријавила во АХВ, но пансионот продолжил да работи.

Парвовирозата е сериозно и исклучително заразно вирусно заболување кај кучињата, кое најчесто ги погодува младите животни, но не ги исклучува ниту возрасните. Заразените кучиња претставуваат висок ризик за околината, поради што е неопходна строга изолација и темелна дезинфекција. Ветеринарите предупредуваат дека брзата реакција е пресудна за преживување, а редовната институционална контрола на објектите за згрижување животни е клучна за спречување вакви трагични случаи.















