Леона Луис, британската пејачка која победи на „The X Factor“ во 2006 година, потврди дека работи на нов албум. Тоа ќе биде нејзиниот прв по повеќе од една деценија, а треба да биде објавен следната година.
Во текот на кариерата Луис издала пет студиски албуми, а последниот наречен „I Am“ бил издаден во 2015 година. „Всушност, работев во студио во последните неколку години. Тоа беше вистински труд од љубов и планирам да ја споделам музиката следната година“, рекла пејачката, пренесе Дејли Мејл.
Нејзиниот последен албум се искачил на 12-то место во Велика Британија и 38-мо место во САД, а во него се најдоа и хитови како „Fire Under My Feet“ и „Thunder“. Леона ги објавила и албумите „Echo“, „Spirit“, „Glassheart“ и божиќниот албум „Christmas, with Love“.
Пејачката го најавила новиот албум само неколку дена откако морала да откаже концерт во склоп на резиденција во Лас Вегас поради здравствени проблеми. Леона го одработила претходниот настап, но нејзиното здравје се влошило и добила воспаление на грло, поради што го откажала настапот кратко пред да започне.
„До моите драги обожаватели, со скршено срце морам да ви кажам дека нема да можам да настапам утревечер. Се борам со воспаление на грлото во последните неколку дена и иако се обидував да го издржам вечерашниот настап, се чувствувам само полошо. Ќе го поминам ова време закрепнувајќи и одморајќи го гласот, за да можам да се вратам посилна и да ви го дадам настапот што го заслужувате. Ова не беше лесна одлука и навистина ми е жал што морам да ве разочарам сите вас што планиравте да дојдете. Ви благодарам за вашето трпение, љубезност и разбирање. Многу сум благодарна што секогаш сте тука за мене и многу ве сакам. Се гледаме наскоро под ѕвездите“, соопштила Леона, додавајќи дека оние што имале билети можат да побараат враќање на парите или да ги преместат своите билети за подоцнежен концерт.
Нејзините обожаватели ѝ испратиле пораки со поддршка и ѝ посакале брзо закрепнување. Музичарката подоцна објавила дека нема да настапи ниту на 21 декември и додала дека се надева дека ќе може да настапи на Бадник.











