Британскиот јутјубер и урбан истражувач Шон Кинг доживеал шок на животот кога во напуштена зоолошка градина на Тајланд, за која се верувало дека е празна, пронашол десетина крокодили, стадо елени, па дури и осамен тигар. Очекувал да истражува само празни кафези и обраснати патеки на зоолошката градина Пукет, затворена во 2021 година, а наместо тоа се нашол лице в лице со опасни ѕверови кои биле оставени таму.
Животински пекол на Земјата
Зоолошката градина Пукет, сместена во близина на округот Муанг Пукет, пред затворањето била дом на бројни егзотични животни, вклучувајќи тигри, мајмуни и слонови. Сепак, ја следеле сериозни контроверзии поради наводно злоставување на животните, а организацијата „PETA“ своевремено ја опишала како „пекол на Земјата за животните“.
Градината конечно ги затворила вратите во 2021 година поради „финансиски проблеми“ предизвикани од пандемијата. Тогаш, хуманитарната организација за заштита на животните потврдила дека сите преостанати животни ќе бидат преместени во блиски засолништа, што било опишано како најголема спасувачка акција од таков вид во историјата на организацијата.
Шокантно откритие во матната вода
Верувајќи во официјалната приказна, Шон во јуни 2023 година влегол во напуштениот комплекс, две години по неговото затворање. Додека талкал низ обраснатата и запуштена област, се упатил кон дел кој му делувал „малку злокобно“. Пробивајќи се низ високата трева и избегнувајќи купови слоновски измет, се спуштил до базен со матна вода, не насетувајќи што го чека.
Кога погледнал подобро, останал запрепастен. „Нема шанси! Човече, тие сè уште се тука! Ти се шегуваш. Ова е напуштено!“, извикал тој пред камерата. „Еден, два, три … девет. Има девет крокодили. Се шегуваш. 10, 11! 12! Пекол. Извадете ги одовде.“
За да ги потврди сомнежите, фрлил парче цигла во водата, по што камуфлираните влекачи веднаш излегле на површина, потврдувајќи дека се гладни. „Ова е ограден простор со 12 крокодили внатре“, продолжил тој. „Нема шанси, си одам одовде, доста ми е! Ова веќе не е смешно. Совршено се камуфлирани, тоа ме исплаши. Не сакам крокодил на ногата.“

Тигар, елени и фрижидер со колбаси
Но, крокодилите не биле единствените животни оставени да талкаат низ напуштената градина. Снимките на Шон забележале и стадо елени, како и осамен тигар во кафез. Тој верувал дека некој сепак го храни тигарот, бидејќи во близина пронашол фрижидер со колбаси. „Таму има фрижидер со колбаси. Тигарот ме гледа. Кутро суштество. Ова е скандалозно!“, коментирал тој.
Своето искуство го заклучил со горчливи зборови: „Зоолошката градина Пукет е неверојатна. Веројатно беше најлошата зоолошка додека беше отворена, а сега кога е затворена, веројатно е уште полоша“.
Не е познато што на крајот се случило со животните прикажани во видеото, иако денес се верува дека зоолошката градина Пукет навистина е целосно празна.









