Британскиот пејач и кантавтор Крис Реа, најпознат по безвременскиот божиќен хит „Driving Home for Christmas“, почина на 74-годишна возраст по кратка болест.
„Со огромна тага објавуваме дека почина нашиот сакан Крис. Умре мирно во болница, опкружен со семејството“, стои во соопштението на портпаролот на неговата сопруга и двете деца.
Крис Реа, роден 1951 година во Мидлсбро во семејство со италијанско-ирско потекло, во текот на кариерата ги спојуваше блуз, поп, соул и софт рок музиката и објави 25 студиски албуми. Продаде повеќе од 30 милиони албуми ширум светот, а меѓу неговите најголеми хитови се „The Road to Hell“, „On the Beach“, „Josephine“ и „Driving Home for Christmas“, песна која со текот на годините стана неизбежен дел од празничната музичка традиција.
Првите поголеми успеси ги оствари во САД крајот на 70-тите со песната „Fool (If You Think It’s Over)“, која му донесе и номинација за Греми. Иако одреден период имал потешкотии да ја одржи популарноста, албумот „Water Sign“ од 1983 година го врати на европските топ-листи, додека крајот на 80-тите беше негово комерцијално најуспешно време. Албумот „Dancing With Strangers“ од 1987 година започна низа од шест албуми кои влегоа во топ 10 во Велика Британија, од кои два достигнаа до самиот врв на листите.
Посебно место во неговата кариера зазема песната „Driving Home for Christmas“, снимена во 1986 година, која на почетокот поминала незабележано, но со текот на времето стекна култен статус и децении подоцна повторно се најде на топ-листите.
Покрај музиката, Реа беше страстен љубител на автомобилизмот и учествувал на трки, а средината на 1990-тите работел и како механичар во Формула 1.
Во текот на животот се соочуваше со сериозни здравствени проблеми. Во 2001 година му беше дијагностициран рак на панкреас, по што беше подложен на тешка операција, а во 2016 доживеа мозочен удар. И покрај сè, продолжи да создава и настапува додека здравјето му дозволуваше.










