ФФМ пресече: Седлоски нов селектор на националниот тим, промоцијата закажана за утре

Дерби

22/12/2025

13:59

478

Големина на фонт

а а а

Управниот одбор на македонската фудбалска Федерација ова попладне го потврди Гоце Седлоски како нов селектор на најсилната фудбалска репрезентација, сето тоа како комплетирање на најавите кои траеја некое време.

Актуелниот тренер на Вардар беше прв избор на Федерацијата откако беше завршена соработката со Благоја Милевски, па иако се чинеше дека може да дојде до мали компликации поради изјавата на Миленко Неделковски, на крајот сепак испадна дека нема простор за такво нешто.

Највисоките членови на ФФМ составија комисија која го бираше новиот селектор, а истата ја сочинуваа претседателот Масар Омерагиќ, Горан Пандев како директор на националните репрезентации, Николче Новески како раководител на скаутинг службата, Агим Ибраими како член на Управниот одбор и Марјан Стојковски како потпретседател на ФФМ.

Информацијата за доверувањето на Седлоски значи враќање за славниот стопер во македонската репрезентација, во која тој стана првиот играч кој запиша 100 настапи носејќи ги боите на Македонија.

По успешната играчка кариера, Седлоски брзо се префрли во тренерските води, а големи успеси оствари како тренер на Вардар со две шампионски титули, а една титула во домашното првенство има и со Шкупи.

Официјалната промоција на Гоце Седлоски како селектор е закажана за утре со почеток во 11:30 часот (хотел Хилтон), а на прес-конференцијата треба да се дознае дали ќе остане да работи во Вардар, или целосно ќе се посвети на репрезентацијата.

𝗟𝗲𝗴𝗲𝗻𝗱, welcome 🍀

#НапредМакедонија 🇲🇰

Posted by Фудбалска Репрезентација на Македонија on Monday, December 22, 2025