[ФОТО] „Оваа е добра“ – Морничавото клопче се одмотува: Во новите досиеја на педофилот Епстин се спомнуваат Трамп и 14-годишно девојче: На фотографиите и Бил Клинтон, принцот Ендру, Мајкл Џексон …

Точка

20/12/2025

09:46

2.398

Големина на фонт

а а а

Американското Министерство за правда го објави првиот сет долгоочекувани документи поврзани со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Списи што содржат фотографии, видеоснимки и истражни материјали беа објавени откако Конгресот донесе закон со кој се наложува нивно целосно објавување.

Во првата тура документи се појавија бројни познати имиња, меѓу кои поранешниот американски претседател Бил Клинтон, британскиот принц Ендру, како и музичарите Мик Џегер и Мајкл Џексон, пишува „BBC“.

Стотици илјади страници и натаму тајни

Иако се објавени илјадници страници, многу документи, вклучително полициски изјави и истражни извештаи, се силно редактирани, додека дел од нив се целосно зацрнети – најмалку 550, според „CBS“.

На надлежните им е дозволено да ги редактираат материјалите заради заштита на идентитетот на жртвите или активните истраги, но законот наложува ваквите редакции да бидат образложени, што досега не е сторено.


Министерството за правда призна дека нема да може да ги објави сите документи до пропишаниот рок. Заменик-државниот обвинител Тод Бланш изјави дека се објавени „неколку стотици илјади страници“, а дека „уште неколку стотици илјади“ се очекуваат во наредните недели.

Тој нагласи дека министерството внимателно ја проверува секоја страница за да се обезбеди „секоја жртва, нејзиното име, нејзиниот идентитет, нејзината приказна, во мерата во која треба да биде заштитена, да биде целосно заштитена“.

Доцнењето предизвика фрустрации кај политичарите од двете страни на политичкиот спектар. Конгресменот Ро Кана, кој заедно со републиканецот Томас Маси ја предводеше иницијативата за објавување на списите, изјави дека „масовното објавување документи во обем од стотици илјади страници не е во согласност со законот“ и дека сите опции се на маса, вклучително и можен кривичен прогон на одговорните.


Клинтон на фотографии во базен и џакузи

Меѓу објавените материјали има и неколку фотографии од поранешниот американски претседател Бил Клинтон. На една од нив тој плива во базен, додека на друга лежи во нешто што наликува на џакузи.


Важно е да се спомене дека појавувањето на име или фотографија во списите не подразбира нужно вина, а многумина од идентификуваните лица негирале какво било недело.

Клинтон бил повеќепати фотографиран со Епстин во текот на деведесеттите и раните двеилјадити години, но ниту една од жртвите на Епстин никогаш не го обвинила за недела, а тој негира дека знаел за неговите злосторства. Неговиот портпарол Анхел Урења ги коментираше новите фотографии, наведувајќи дека се стари повеќе децении.

„Можат да објават колку сакаат матни фотографии стари повеќе од 20 години, но ова не е за Бил Клинтон. Никогаш не било, ниту ќе биде“, напиша Урења на социјалните мрежи.

„Постојат два типа на луѓе. Првата група не знаела ништо и ги прекинала врските со Епстин пред неговите злосторства да излезат на виделина. Втората група продолжила да одржува односи со него и потоа. Ние сме во првата. Никакво одолговлекување од луѓето од втората група тоа нема да го промени“, додал тој.


Судски документи го спомнуваат Трамп и малолетно девојче

Во објавените списи се наоѓаат и судски документи во кои се спомнува американскиот претседател Доналд Трамп. Во нив се наведува дека Епстин наводно запознал четиринаесетгодишно девојче со Трамп во неговото одморалиште „Mar-a-Lago“ на Флорида во текот на деведесеттите години.

Според документот, Епстин го бутнал Трамп со лактот и, зборувајќи за девојчето, игриво го прашал: „Оваа е добра, нели?“.


Нема директни обвинувања против Трамп

Жртвата во поднесокот не изнесува никакви директни обвинувања против Трамп, а ниту други жртви на Епстин го обвиниле. Трамп претходно изјави дека со години бил пријател со Епстин, но дека се скарале околу 2004 година, и доследно негира каква било поврзаност со неговите злосторства.

Интересно е што изборниот штаб на Трамп на социјалните мрежи, наместо тоа, објавуваше фотографии од Бил Клинтон од новите списи.


Принцот Ендру, Мајкл Џексон и Мик Џегер во друштво на Епстин

Една од објавените фотографии наводно го прикажува Ендру Маунтбатен-Виндзор, познат како принц Ендру, како лежи врз пет лица чии лица се редактирани. Зад нив стои осудената соработничка на Епстин, Гислејн Максвел. Принцот Ендру со години се соочува со прашања за своето пријателство со Епстин, но повеќепати негирал какво било недело.

Новите документи содржат и бројни фотографии на Епстин со други познати личности. Познато е дека финансиерот имал врски во светот на забавата, политиката и бизнисот. На фотографиите се појавуваат Мајкл Џексон, Мик Џегер, Дајана Рос и актерот Крис Такер.


На една фотографија Епстин позира со Џексон, додека на друга пејачот на групата „Rolling Stones“, Мик Џегер, е во друштво на Бил Клинтон. Актерот Крис Такер е снимен како седи до Клинтон на маса, но и на пистата на аеродром во друштво на Гислејн Максвел.

Не е јасно каде и кога се направени фотографиите, ниту во каков контекст. Исто така, не е познато дали Епстин бил директно поврзан со сите тие лица или само присуствувал на истите настани.


„Епстин ми се закануваше дека ќе ми ја запали куќата“

Во списите се наоѓа и извештај на „FBI“ од 1996 година кој се однесува на Марија Фармер, една од првите личности што го пријавиле Епстин. Фармер, уметница која работела за него, пријавила дека тој украл лични фотографии што таа ги снимила од своите сестри, тогаш на возраст од 12 и 16 години.


Во пријавата навела дека верува оти фотографиите биле продадени и дека ѝ биле упатувани закани.

„Епстин сега ѝ се заканува дека, доколку некому му каже за фотографиите, ќе ѝ ја запали куќата“, се наведува во извештајот.

Фармер потврди дека станува збор за нејзината приказна и изјави дека, по речиси 30 години, се чувствува „искупено“.