Среброто доживеа извонреден позитивен тренд на пазарот, удвојувајќи ја својата вредност од околу 30 долари (24,54 евра) за унца на почетокот од годината на рекордни 64,65 долари за унца на 12 декември.
Цената на металот, со кој се тргува на „COMEX“ – одделот за стоки на Њујоршката стоковна берза (NYMEX), била околу 30 долари во јануари и се движела помеѓу 37 и 40 долари во текот на летото, пред нагло да се зголеми во септември.
Потоа моментумот се забрзал, со најсилно зголемување на вредноста во последните три месеци од годината. Зголемувањето од 110% од почетокот на годината претставува драматичен пресврт за благородниот метал, долго време сметан за посиромашен братучед на златото, чија цена обично го надминува среброто за време на позитивните фази (на раст) на пазарот, кои во професионалниот жаргон се нарекуваат биковски движења (за разлика од мечкините, кога цените паѓаат), пишува Дојче Веле.

Иако некои инвеститори предупредуваат на потенцијална краткорочна корекција на цените, расположението околу среброто останува оптимистичко за годината што доаѓа. Во претходните години, цената на среброто се движела во опсег од 15 до 25 долари во поголемиот дел од изминатата деценија, со повремени скокови над 30 долари во периоди со изразен ентузијазам на инвеститорите. Но, тешко успеваше да го одржи трендот на раст. Дури и на претходните врвови во 1980 и 2011 година, среброто достигнало врв од околу 49 долари за унца, далеку под скоковите на златото, чијашто цена во тоа време изнесувала и повеќе од 1.900 долари.
Меѓутоа, златото годинава имаше послаби резултати, зголемувајќи се за 60% на околу 4.340 долари за унца, во споредба со повеќе од двојното зголемување на цената на среброто во истиот период. Значителниот пораст на цената на среброто делумно е поттикнат од слабеењето на американскиот долар и очекувањата за намалување на каматната стапка од страна на Федералните резерви на САД (FED), што го прави благородниот метал попривлечен како безбедно засолниште. Но, многу поголеми и позначајни фактори го поттикнале порастот, вклучително и глобалната криза во снабдувањето, бидејќи производството не успева да го одржи чекорот со побарувачката.
Латинска Америка, која произведува повеќе од половина од среброто во светот, се соочува со пад на производството поради „стареењето“ на рудниците и намалувањето на резервите. Мексико, кое снабдува 25% од светската понуда на сребро, бележи двоцифрен пад на производството во последните години. Еден од најголемите рудници во земјата, Сан Хулијан, во северната држава Чивава, се ближи кон крајот на својот животен век, гаснењето се очекува во 2027 година. Рудникот е еден од најголемите погони во на операторот Фресниљо. Рудата се намалува, а резервите се исцрпуваат.

Во меѓувреме, Перу, Боливија и Чиле, кои заедно испорачуваат речиси третина од глобалното количество на сребро, се борат со пад на квалитетот на рудата што го прави екстрахирањето поскапо и помалку ефективно. Овие земји исто така се соочуваат и со политичка нестабилност и построги правила за рударство кои ги обесхрабриле новите вложувања во нивните рударски сектори. Без нови откривања на наоѓалишта и прописи кои го поддржуваат рударството, се очекува производството во Латинска Америка да стагнира или да опадне до крајот на деценијата, тврдат аналитичарите од лондонската компанија „GlobalData“.
Пазарот на среброто во меѓувреме, петта година по ред остана во структурен дефицит, напиша минатиот месец индустриското здружение „The Silver Institute“. Се предвидува дека побарувачката оваа година ќе ја надмине понудата за околу 95 милиони унци, соопшти здружението. Побарувачката за сребро расте не само затоа што инвеститорите го сметаат за погодно средство за зачувување на вредноста на имотот, туку и затоа што стана клучна суровина за модерната технологија и секторот за чиста енергија. Неговите уникатни својства, а особено неспоредливата електрична и топлинска спроводливост, го прават среброто неизоставен материјал во брзорастечките глобални индустрии.

Соларните панели, на пример, се потпираат на сребрена паста за спроведување електрична енергија. Како што светските влади ги промовираат целите на обновливата енергија, побарувачката за овој благороден метал од фотоволтаичниот сектор нагло ќе се зголеми. Исто така и за електричните автомобили потребни се и до две третини повеќе сребро отколку за автомобилите со мотори со внатрешно согорување. Овој метал се користи во батерии или инфраструктури за полнење, со што станува дел од иднината на зелениот превоз. Среброто игра сè позначајна улога и во дигиталната економија. Чиповите за вештачката интелигенција и центрите за податоци зависат од среброто за ефикасни системи, каде брзината и довербата се најважни.
Способноста на овој метал да издржи огромни електрични оптоварувања обезбедува чисти сигнали и стабилни перформанси во големи размери, додека истовремено високото ниво на топлинска спроводливост помага во отстранувањето на екстремната топлина што ја создаваат „AI“ работните оптоварувања. Додека употребата на сребро во производство на монети и лост е во пад, останатите традиционални употреби како производство за накит, како и електроника, медицински помагала и стока за широка потрошувачка и понатаму остануваат силни сегменти. Институтот за сребро предвидува дека глобалната индустриска побарувачка за сребро континуирано ќе расте во следните пет години.

„Oxford Economics“ овој месец пресмета дека побарувачката за сребро во автомобилската сектор ќе расте со годишна стапка од 3,4% сè до 2031 година, како и дека овој метал ќе профитира и од предвиденото зголемување од 65% во изградбата на центри за податоци во САД во истиот период.
Илјадници години на среброто му се верувало како на парите и средство за зачувување на вредноста. Античките цивилизации го користеле во трговијата бидејќи било ретко, издржливо и лесно деливо. Важноста на среброто уште повеќе се зголемила кога европските колонизатори откриле огромни наоѓалишта во Латинска Америка, што му помогнало да стане метал за секојдневни трансакции.
Шпанските сребрени монети вредни осум реали (старата шпанска валута пред пезета и евро) – станала првата глобална трговска валута во светот, која кружела од Америка до Азија и Европа.
Во 19 век бројни нации, вклучувајќи ги САД и Обединетото Кралство ги поврзувале своите валути со злато и за сребро. Британската фунта стерлинг е именувана по фунта сребро.Среброто ја загубило својата улога на пари во 20 век кога земјите ги укинале стандардите на среброто. Златото останало во резервите на централните банки, но среброто влегло во индустриска употреба. Го задржало својот углед како средство за заштита од инфлација и финансиска нестабилност, наследство на неговата долга историја како секојдневни пари.















