Иако ги сметаме за преслатки и пријателски настроени водени цицачи, делфините имаат и своја мрачна страна. Снимката настаната откако научници им прикачија „GoPro“ камери на делфини во дивина, што го откри нивното предаторско однесување и покажа дека можеби не се толку безопасни како што изгледаат.
Лов одблизу
Американски научници опремија шест обични делфини со „GoPro“ камери за од прва рака да го набљудуваат нивното однесување за време на потрагата по храна. Сепак, не станува збор за обични делфини – сите биле обучени од „Американската морнарица“ за лоцирање и обележување подводни мини. Благодарение на камерите, истражувачите за првпат добија неверојатен увид во тоа како делфините пливаат, пребаруваат, прогонуваат, фаќаат и го јадат својот плен.
Студијата од 2022 година ја водел покојниот Сем Риџвеј, раководител на Програмата за морски цицачи при „Американската морнарица“, кој поради својот исклучителен придонес во оваа област бил наречен „татко на медицината на морските цицачи“. Пред својата смрт пред три години, Риџвеј, познат и како Доктор Делфин, ги споделил неверојатните откритија до кои дошол неговиот тим анализирајќи ги снимките од ловот.
Неочекувани техники на лов
Снимките покажале како шесте делфини консумираат стотици риби, но начинот на кој тоа го правеле ги изненадил експертите. Аудио-записите откриле дека пленот го лоцираат со помош на сонарни звуци, а по успешниот улов испуштаат звуци налик победнички крици.
Досега се верувало дека делфините го ловат пленот со залетување, но камерите откриле нешто сосема друго – тие всушност користат силно вшмукување. Со проширување на грлото и раздалечување на усните создаваат вакуум со кој го вшмукуваат пленот во устата, глетка која донекаде ја нарушува сликата за нив како милозвучни суштества.
Отровни змии на менито
Вистинското изненадување за научниците следело кога еден од делфините без проблем изел дури осум морски змии. Австралискиот музеј ги опишува како „многу отровни, но и непријатни, па дури и потенцијално токсични за голтање“. И покрај тоа, делфинот по опасниот оброк не покажувал никакви знаци на болест. Снимката забележала како по уловот на змијата победнички ја тресе главата и испушта гласен „победнички крик“.
Анализа на експертите
Истражувачите детално го опишале однесувањето на делфините и звуците што ги испуштаат:
„Делфините при потрага испуштаа остри звуци во интервали од 20 до 50 ms. При приближување до пленот, интервалите на звуците се скратуваа во завршно зуење, а потоа во крик. Криците беа рафали од звуци кои варираа по траење, врвна фреквенција и амплитуда. Криците продолжуваа додека делфинот го фаќаше, манипулираше и го голташе пленот. Ако рибата успееше да побегне, делфинот ја продолжуваше потерата, а сонарните звуци се слушаа поретко од непрекинатото завршно зуење и крик. За време на фаќањето, усните на делфинот се ширеа, откривајќи ги речиси сите заби. Грлото се ширеше нанадвор. Рибата продолжуваше да плива во обид да избега дури и кога ќе влезеше во устата на делфинот, но изгледа дека делфинот ја вшмукуваше директно надолу.“
„Со делфините не треба да се шегува“
Снимките предизвикаа бројни реакции на социјалните мрежи, каде што многумина признаа дека го промениле мислењето за делфините. „Со делфините не треба да се шегува“, коментираше еден корисник на „Reddit“. Друг додаде: „Проклети делфини. Вторите најголеми гадови меѓу цицачите.“ Трет заклучи: „Изгледа дека сè испушта победнички крик кога ќе го фати својот плен.“















