Пчелите во Америка почнале да прават „солен мед“: Пчеларите ги дуплираат приносите благодарение на еден инаванзивен вид

Точка

16/12/2025

12:25

523

Големина на фонт

а а а

Откако за прв пат се појавиле во Америка во 2014 година, инвазивните пегави мушички (Lycorma delicatula) ги пустошат дрвјата и насадите, се нафрлаат врз минувачите и ги оставаат своите лепливи секрети, познати како медна роса, на автомобилите и градинарскиот мебел.

Државните службеници ги повикале граѓаните да стапнат врз нив секогаш кога ќе ги видат.

Меѓутоа, оваа инвазија на инсекти по потекло до Азија остава уште една неочекувана последица и тоа врз вкусот, бојата и мирисот на медот.

Во текот на последните години, американските пчелари во кошниците почнале да пронаоѓаат темен, црвенкасто-кафеав мед со невообичаен вкус и арома. Тој мистериозен мед се јавува само во есен, а по малку научна „детективска“ работа, ентомолозите во Пенсилванија заклучиле дека се работи за мед што се прави од медната роса на пегавите мушички.

Традиционално, пчелите го прават медот од нектар – слатка, шеќерна течност што ја произведуваат цветните растенија за да привлечат опрашувачи. Кога пчелите, молците, пеперутките и колибрите пијат нектар, тие го пренесуваат поленот на следниот цвет, овозможувајќи им на растенијата вкрстено да се опрашуваат и да се размножуваат.


Дел од тој нектар, пчелите ги носат назад во кошниците и го претвораат во мед, кој им служи како клучен извор на храна во текот на зимата. Најпрво собраниот нектар го складираат во посебен „меден желудник“, каде се меша со ензимите. По враќањето во кошницата, го исфрлаат нектарот збогатен со ензими и го пренесуваат на други пчели, кои додаваат уште ензими. На крајот, го распоредуваат нектарот во саќе и силно мавтаат со крилјата за да се исуши, претворајќи ја некогашната водникава течност во густ, леплив мед.

Се покажало дека овој процес подеднакво добро функционира и со медната роса – слатка течност што пегавите мушички ја излачуваат по хранењето со сокови од дрвјата. За време на доцното лето и есен кога цветовите богати со нектар ги има сè помалку, пчелите очигледно го користат изобилството на медната роса.


Медот направен од секретите на пегавите мушички е безбеден за јадење, а тестовите покажале дека содржи „екстремно мали“ количини на пестициди што се користат за контрола на овие инсекти, според „Penn State Extension“. Безбедноста е едно, но уживањето во вкусот е сосема друга приказна: некои луѓе не можат да го поднесат, опишувајќи го како солен вкус, кој потсетува на димен производ, додека други го сметаат за доста пријатен.

„Во неофицијалните дегустации, половина или повеќе од луѓето кои го пробуваат овој мед сметаат дека има одличен вкус“, пишува „Penn State Extension“.

Ненадеен принос на крајот од сезоната

Европските пчелари веќе долго време собираат мед направен од медна роса, со тоа што во нивниот случај таа потекнува од вошки и други инсекти, а не од пегави мушички. Таквиот мед често се продава под називот „шумски мед“.

Сепак, американските пчелари на почетокот биле загрижени, стравувајќи дека овој невообичаен мед би можел да го наруши угледот на индустријата. Меѓутоа, се чини дека станува сè попопуларен. Истражувачите ги испитуваат неговите антимикробни својства и можните здравствени придобивки, а засега американските потрошувачи делуваат заинтригирани.

„Си велам себеси: ако е доволно добар за пчелите, ако пчелите се согласни со тоа, тогаш имам поголема доверба“ изјавила за „The Washington Post“,Џен Деј, претседателка на Здружението на пчелари од Вашингтон.


Некои пчелари дури и го користат невообичаеното потекло на овој мед за сопствена корист, промовирајќи го како новост со интересна приказна во заднина. Така, на пример, „Philadelphia Bee Company“ својот мед од пегави мушички го брендирала како „Doom Bloom“.

Во меѓувреме за пчеларите кои не се воодушевени од овој мед, постои и добра вест. Медот од пегави мушички обично се појавува во кошниците дури во доцно лето и есен, кога пчелите инаку го забавуваат производството на класичен мед. Тоа значи дека овие инвазивни инсекти не ги расипуваат редовните резерви, туку на пчеларите им даваат дополнителен, доцносезонски принос.


И понатаму има повеќе штета отколку корист

Бил Вондрасек, долгогодишниот пчелар хобист од Мериленд, инаку добива околу 135 килограми мед годишно. Меѓутоа, во текот на последните години тој принос се зголемил на околу 320 килограми.

„Во 2023 година забележав поинаков вид мед кој се појави помеѓу нашите вообичаени пролетни и есенски берби. Оваа година воопшто не престанав со бербата, иако инаку би направил летна пауза“, изјавил тој.

Доколку пак пчеларите не го сакаат медот од пегави мушички, можат едноставно да го „извадат медот од кошници пред мушичките да станат активни во производството на медна роса“, рекол Медрад Латмердинг, претседател на Централното здружение на пчелари од Охајо, пренесе „Smithsonian Mag“. Тој мед можат да им го остават на пчелите како зимска храна.


„Пчеларите во областите каде што се присутни пегавите мушички веќе со години забележуваат дека пчелите многу добро презимуваат со овој вид складирана храна“, пишува „Penn State Extension“.

Со оглед на целиот овој дополнителен мед, дали граѓаните треба и понатаму да ги газат мушичките каде и да ги сретнат? Пчеларите и ентомолозите се согласуваат – да, апсолутно. Овие инвазивни инсекти и понатаму нанесуваат поголема штета отколку корист.

„Не ги сакаме, но ако веќе се тука, пчелите можат да ја искористат ситуацијата. Јас така гледам на ситуацијата“, истакнала Робин Андервуд, ентомолог и едукатор од „Penn State Extension“ за „Washington Post“.