Мохамед Салах од 2017 година е дел од премиерлигашот Ливерпул, но дефинитивно ова е сезона која може да биде негова последна на „Енфилд Роуд“.
Искусниот напаѓач пред некое време предизвика бура со негово јавно обраќање, па иако беше оставен на „ладење“ за мечот со Интер, потоа се средија работите и доби шанса за настап против Брајтон каде забележа асистенција и влезе во историјата на Премиер лигата.
Сега Салах има обврски со Египет на Купот на африканските нации, а што ќе се случува понатаму, во 2026 година останува знак прашање.
Дитмар Хаман како поранешен играч на „црвените“ ги следи сите случувања во клубот и посочи каде би можел да го види Мо ако дојде до разделба со сегашниот клуб.
-Ако Салах не сака да прифати дека нема да игра и постојано зборува за тоа дека нема поддршка од менаџерот, тогаш тој и клубот треба да најдат решение. Тоа решение може да биде да си одат по свои патишта.
-Не мислам дека Салах сака да оди во Саудиска Арабија бидејќи одби понуда минатата година. Ќе има европски клубови кои сè уште се заинтересирани за него. Најдобрите клубови во Шпанија, Германија и Англија можеби нема да сакаат да го потпишат, но можам да го замислам како се враќа во Италија, можеби. Таа лига е позната по тоа што привлекува искусни играчи и ги враќа во најдобра форма. Интер потпиша со слични играчи во последните години. Не можам да го замислам како се приклучува на Баерн Минхен или на двата шпански гиганти. На најдобрите клубови во Англија исто така не им се потребни неговите услуги, -смета Хаман.






