Џошуа го откри планот: „Јас сум спасителот, морам да го спасам боксот од него“

Точка

15/12/2025

15:49

337

Големина на фонт

а а а

Џошуа во пресрет на мечот со Џејк Пол изјави дека боксот мора да се спаси од новодојденците.

Британскиот боксер Ентони Џошуа вели дека боксот треба да се спаси од дојденци од други сфери и дека е среќен што токму нему му припаднала таа задача, додека поранешниот светски шампион во тешка категорија се подготвува за дуел со „YouTube“ ѕвездата, а денес боксер, Џејк Пол, во Мајами на 19 декември.

Борбата, во која поранешниот двократен апсолутен шампион во тешка категорија се соочува со ѕвезда од социјалните мрежи, привлече и значителен број критики. Поранешниот шампион на „WBC“ во тешка категорија Дионтеј Вајлдер ја отфрли како „обичен грабеж на пари“, додека некои од поранешните противници на Џошуа изразија загриженост за здравјето на релативниот почетник Пол во рингот против еден од најсилните боксери во светот.


Џошуа не е странец за ваквите „кросовер“ пресметки – во март 2024 година го нокаутираше поранешниот шампион на „UFC“ во тешка категорија, Франсис Нгану, по само две рунди. Освојувачот на златниот олимписки медал од Лондон 2012 изјави за „Reuters“ дека цели кон убедлива победа против Пол.

„Бев повикан од паузата повторно да го спасам боксот“, изјави Џошуа, алудирајќи на годината надвор од рингот по поразот во последната борба против Даниел Дубоа, која заврши со прекин во петтата рунда.

„Јас сум спасителот. Го спасив боксот од Нгану, а сега морам да го спасам боксот од Џејк Пол“, додаде Џошуа, прифаќајќи ја библиската симболика на своето презиме.


„Не можам да размислувам за Пол“

Од првото влегување во рингот во 2020 година, Пол забележа 12 победи и еден пораз, со седум нокаути. Во тој период, поранешниот „YouTube“ комичар и ѕвезда на „Disney Channel“ се бореше и победи други инфлуенсери, кошаркарската ѕвезда Нејт Робинсон, како и низа ММА шампиони, вклучувајќи ги Андерсон Силва и Тајрон Вудли.

Таквиот биланс бледнее во споредба со Џошуа, кој се бореше против некои од најголемите шампиони во тешка категорија, Владимир Кличко и Олександр Усик.


„Морам да извлечам позитивна страна од ова – ќе си одам дома порано“, се пошегува Џошуа, додавајќи дека не е негова одговорност да се грижи за благосостојбата на Пол во мечот од осум рунди.

„Ова е бокс. Не можам да влезам таму размислувајќи за него. Ќе мислам на себе, а и тој би го направил истото кога би можел. Дали оваа борба го нарушува интегритетот на спортот? Разбирам дека од гледна точка на пуристите во боксот вакви борби не би требало да се случуваат“, објасни 36-годишниот боксер.

Сепак меч Џошуа – Фјури?

Наградниот фонд од загарантирани 50 милиони долари, плус бонуси за секој борец, претставува исклучително профитабилна можност, а спектаклот ќе стане само вториот боксерски настан што ќе се пренесува во живо на „Netflix“.

Првата борба организирана од стриминг-гигантот беше контроверзната победа на Пол над легендарниот Мајк Тајсон минатата година. Во моментот на таа борба, на 58-годишна возраст, Тајсон немаше влезено во боксерски ринг речиси две децении и се соочи со тогаш 27-годишниот Пол, откако се бореше со ишијас, па дури и повремено користеше инвалидска количка.


На крајот, Џошуа изјави дека не ја исклучува можноста да го убеди поранешниот шампион во тешка категорија Тајсон Фјури да излезе од пензија, со цел конечно да се одржи мега-борбата што љубителите на боксот ја чекаат повеќе од една деценија.

„Зависи од Фјури. Потпишав договор за борба со него неколку пати. Не сакам премногу да се надевам и повторно да бидам разочаран.“