Холивудскиот актер Мајкл Кејн во текот на врачувањето на наградите за животно дело на Меѓународниот филмски фестивал „Red Sea“, објавил дека се повлекува од актерството.
Познатиот актер се појавил во инвалидска количка на фестивалот, но и во таа состојба покажал зошто е една од најголемите легенди на сите времиња.
Со препознатливиот британски хумор и достоинство, Кејн ја презел наградата за животно дело и во таа прилика со својот говор допрел до сите присутни.

Спектаклот започнал кога на сцената излегол и актерот Вин Дизел, неочекуваниот презентер и негов близок пријател. Публиката неколку минути аплаудирала, додека Дизел лесно ја туркал количката со легендарниот Британец.
„Велат дека никогаш не треба да ги запознаеш своите херои затоа што тоа ќе те разочара. Тоа е лага. Благословен сум што можам да го наречам мој пријател. Тој има повеќе харизма во својот мал прст отколку поголемиот дел од луѓето во Холивуд. Тој е национално богатство и еден од најдобрите актери кои некогаш живееле“, рекол Вин Дизел.
Нивното приjaтелство било родено на снимање на филм, а вечерта на доделувањето на наградите заблескало.
„Ви благодарам. Моето име е Мајкл Кејн. Тоа не е мое вистинско име, секако. Но, да кажеме дека е реалистично име. Тоа е она кое ги заработи сите пари“, го започнал својот говор Кејн, па ја насмеал публиката.

Вистинското име на Кејн е Сер Морис Џозеф Миклвајт, па актерот не ја пропуштил шансата да се насмевне на своја сметка.
„Тука сум да ја примам наградата, што искрено ме изненадува. Сепак, освоив два Оскари“, рекол актерот.
Иако многу од неговите колеги продолжиле да глумат и во длабока старост, Мајкл Кејн одлучил да се повлече додека бил на врвот од кариерата. Последниот филм којшто го снимил бил „The Great Escaper“ во 2023 година.
За таа улога говори дека е една од ретките кои во тие години воопшто може да се добие.

„Не можете да имате главни јунаци за улоги на 90 години. Затоа помислив: подобро да си заминам додека сѐ е вака“, изјавил тој.
Одлуката ги натажила фановите, но Кејн сакал да си замине на свој начин, со филм којшто го сака и којшто добил одлични критики. Инаку, ова не е првпат да го навести крајот на кариерата, но сега својата одлука ја запечатил.









