Администрацијата на Трамп смета дека Европа е во ризик од цивилизациско бришење

Макфакс

05/12/2025

20:02

231

Големина на фонт

а а а

Европа се соочува со „цивилизациско бришење“ и можеби еден ден ќе го загуби статусот на сигурен сојузник на САД, смета администрацијата на Доналд Трамп во голем стратегиски документ, што предизвика бурна реакција од Европејците, пишува „Ројтерс“.

Новата Стратегија за национална безбедност, објавена на веб-страницата на Белата куќа во текот на ноќта меѓу четвртокот и петокот, ја осуди Европската унија како антидемократска и наведе дека целта на САД треба да биде да ѝ помогнат на Европа да ја исправи својата моментална траекторија.

Документот ги обвини европските влади за „поткопување на демократските процеси“, вклучувајќи ги напорите – како што се наведува – да се спречи наводната волја на европската јавност да се стави крај на војната во Украина.

„На долг рок, повеќе од веројатно е дека во рок од неколку децении, одредени членки на НАТО ќе станат мнозински неевропски“, стои во документот.

„Затоа, отворено е прашањето дали тие ќе го гледаат своето место во светот или својот сојуз со САД на ист начин како оние што ја потпишаа НАТО-повелбата.“

Во документот од 33 страници, со вовед што го потпишал Трамп, се наведува дека Европа е во економски пад, но дека нејзините „вистински проблеми се уште подлабоки“. Меѓу нив се истакнати „активностите на ЕУ кои ја поткопуваат политичката слобода и суверенитетот, миграциските политики кои го трансформираат континентот, цензурата на слободата на говор и сузбивањето на политичката опозиција како и губењето на националните идентитети“.

Во текстот се додава: „Ако сегашните трендови продолжат, континентот ќе биде непрепознатлив за 20 години или помалку“, пренесе „Индекс“.

Реагирајќи на објавата на документот, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека САД остануваат клучен безбедносен сојузник, но дека „прашањата за слободата на изразување или организирањето на нашите слободни општества“ не спаѓаат во таа категорија.

„Сметаме дека сме способни самите да разговараме за овие прашања и дека не ни е потребен надворешен совет“, порача тој.

Додека Трамп бара крај на војната во Украина, документот ги обвинува Европејците за слабост. Иако имаат „значајна предност во тврда моќ“, се наведува, многумина на континентот „ја сметаат Русија за егзистенцијална закана“.

Се нагласува дека „клучен интерес на САД е да преговараат за брз прекин на непријателствата во Украина“, но дека Вашингтон е „во судир со европски функционери кои имаат нереални очекувања од војната, сместени во нестабилни малцински влади, од кои многу ги газат основните демократски принципи за да ја сузбијат опозицијата“.