Премиерлигашка легенда со порака за борбата со тешка болест: Тестирањето спасува животи

Дерби

05/12/2025

10:56

182

Големина на фонт

а а а

Во деновите во кои фудбалската заедница се обединува за да му помогне на поранешниот бугарски репрезентативец Љубо Пенев во тешката борба со ракот, уште едно еминентно фудбалско име излезе во јавноста со соопштение дека се бори со незгодна болест.

Се работи за поранешниот голман Шака Хислоп, кој на фановите им открил дека се бори со агресивен тип на рак на простатата, за што веќе направил и потребни терапии.

Хислоп го споделил својот проблем, апелирајќи на жителите на карипските земји почесто да се тестираат, за навреме да откријат евентуален проблем на кој се поизложени поради генетските предиспозиции.

– Пред 18 месеци бев на рутински прегледи, но инсистирав и на проверка на ситуацијата со простатата, а дополнителните тестови покажаа дека се соочувам со агресивен тип на рак на простатата.

– Пред една година направив операција и мислев дека работата е завршена, но шест месеци подоцна нов тест покажа дека болеста се проширила и на коската. Веднаш започнав со терапии и завршив со тој процес кој траеше половина година, – рекол Хислоп.

Според официјалните истражувања еден од четири луѓе со африканско или карипско потекло се соочуваат со проблем со рак на простатата, додека во Европа тој просек е еден на осум луѓе.

– Ве молам да се тестирате почесто. Овој рак се победува ако се открие на време, тестирањето спасува животи и го спаси и мојот живот, – рекол Хислоп, кој во успешната премиерлигашка кариера настапуваше за Њукасл, Вест Хем и Портсмут.

Поранешниот голман е роден во Лондон, но потекнува од Тринидад и Тобаго, земја за која настапи и на СП во 2006 година.