Потрагата по исчезнатиот авион на „Malaysia Airlines“ на летот MH370, една од најголемите мистерии во историјата на воздухопловството, повторно ќе започне кон крајот на овој месец, потврди малезиското Министерство за транспорт. Од исчезнувањето на авионот без трага поминаа повеќе од 11 години, пишува „DW“.
Авионот Боинг 777 со 239 патници и членови на екипажот – мнозинството кинески државјани – исчезна од радарот на 8 март 2014 година, на летот од Куала Лумпур за Пекинг. Сателитските податоци покажуваат дека авионот скршнал од планираната рута и се упатил кон јужниот Индиски Океан, каде се верува дека се урнал. И покрај обемните меѓународни напори, остатоците од авионот никогаш не беа пронајдени.

Во официјалното соопштение, Министерството истакнува дека „сака да ја извести јавноста дека длабокоморската потрага по остатоците од летот MH370 на ‘Malaysia Airlines’ ќе започне на 30 декември 2025 година“.
Операциите ќе ги спроведува американската компанија за поморска роботика „Ocean Infinity“, а потрагата е предвидена да трае 55 дена со повремени прекини.

Претходниот обид за пронаоѓање на авионот во јужниот Индиски Океан беше прекинат во април оваа година поради неповолните временски услови и немирното море. Оваа операција се фокусираше на област од 15.000 квадратни километри близу брегот на Перт, Австралија.
Првичната, тригодишна потрага предводена од Австралија, која опфати огромно подрачје од 120.000 квадратни километри, беше прекината во 2017 година по договор меѓу Кина, Малезија и Австралија.
До денес се пронајдени само неколку мали делови од остатоците, кои испливаа на источното африканско крајбрежје и на островите во Индискиот Океан, но судбината на летот MH370 сè уште е нерешена загатка.

Малезиската влада во март година даде зелено светло за договор со „Ocean Infinity“ по принципот „без пронаоѓање – без надомест“ односно компанијата ќе добие 70 милиони долари само доколку се пронајдат остатоците од авионот. Министерството во соопштението истакнува дека „најновиот развој на настаните ја нагласува посветеноста на малезиската влада да овозможи затворање на оваа болна приказна за семејствата погодени од трагедијата“.
Најавената 55-дневна потрага претставува најконкретниот обид досега да се разјасни мистеријата на исчезнувањето на летот MH370, повеќе од една деценија по трагичниот настан.























