Белгиската полиција во вторникот изврши претрес во дипломатската служба на ЕУ во Брисел, како и во „College of Europe“ во Бриж, заедно со приватни станови, во рамки на истрага за наводна злоупотреба на средства на ЕУ, пренесуваат извори упатени во истрагата и очевидци. Уапсени се повеќе лица, меѓу кои и Федерика Могерини, поранешната шефица на европската дипломатија, јавува „Euractiv“.
Претресите се одвивале во раните утрински часови низ цела Белгија, а полицијата запленила документи и привела три лица на распит под сомнение за измама при јавни набавки, корупција и кривичен судир на интереси.
Околу десет полицајци во цивил влегле во седиштето на Европската служба за надворешно дејствување (EEAS) во 7:30 часот наутро, изјавил еден очевидец. Друг висок службеник од дипломатската служба на ЕУ го потврдил претресот.
Кривичната истрага започнала по обвиненија дека "EEAS" и „College of Europe“ – престижна школа за постдипломско образование на евро-бирократи – злоупотребиле јавни средства на ЕУ во 2021 и 2022 година, велат извори упатени во случајот.
Претресите претставуваат најнов сериозен скандал кој ги потресува институциите на ЕУ, дополнително зголемувајќи го притисокот врз „College of Europe“ и неговата ректорка Федерика Могерини, која порано ја водеше "EEAS" и годинава го започна својот втор петгодишен мандат во Бриж.
Могерини, поранешна висока претставничка на ЕУ за надворешна политика, не одговорила веднаш на прашањата на „Euractiv“.

Белгиската федерална полиција од Западна Фландрија и Канцеларијата на ЕУ за борба против измами – „OLAF“ – учествувале во операцијата што ја води Јавното обвинителство на ЕУ (EPPO).
Портпаролите на "EPPO" и "OLAF" одбиле да дадат изјава.
Истрагата се фокусира на тоа дали „College of Europe“ или негови претставници имале претходни сознанија за јавниот тендер за финансирање на новата ЕУ Дипломатска академија — годишна програма за обука на европски дипломати во Бриж, финансирана од "EEAS".
„College of Europe“, основан во 1949 година, важи за завршна школа за европски дипломати и државни службеници, а меѓу неговите поранешни студенти се бројни истакнати политичари и високи службеници во институциите на ЕУ.
Истрагата особено се насочила кон околностите околу купувањето на зградата на улицата "Spanjaardstraat" во Бриж, вредна 3,2 милиони евра, во која се сместени дипломатите што ја посетуваат академијата.

Услов за кандидатите што се натпреварувале за домаќинството на академијата беше да обезбедат сместување.
„College of Europe“ ја купил зградата во 2022 година, во период на финансиски тешкотии, непосредно пред "EEAS" да распише тендер кој подоцна му доделил 654.000 евра, велат извори запознаени со истрагата.
Истражителите испитуваат тврдења дека колеџот и неговите претставници имале пристап до доверливи информации за тендерот — информации што морале да останат тајни за да се овозможи фер конкуренција меѓу институциите кои сакале да бидат домаќин на новата академија.
„OLAF“, кој има административни овластувања за испитување на сомнежи за измами со средствата на ЕУ, интервјуирал повеќе лица пред своите наоди да ги проследи до "EPPO", надлежен за истрага и гонење на сериозни кривични дела што го засегаат финансискиот интерес на Унијата.
Нема индикации дека "OLAF" или "EPPO" донеле конечни заклучоци за сторено дело, и засега никој не е формално обвинет.

„College of Europe“ и новата ЕУ Дипломатска академија ги предводи Могерини, поранешна италијанска министерка за надворешни работи од Социјалистичката партија, која ја водеше "EEAS" како висока претставничка за надворешна политика од 2014 до 2019 година. Таа стана ректорка во 2020 година и директорка на академијата по нејзиното основање во 2022.
Во периодот што е предмет на истрага, "EEAS" ја водеше уште еден поранешен социјалистички министер за надворешни работи — Шпанецот Жозеп Борел.
Портпаролот на Борел не беше достапен за коментар.
Портпаролот на „College of Europe“ одбил да коментира. Портпаролот на "EEAS" изјавил дека нема информации.
Белгиското федерално обвинителство во Фландрија, исто така, сè уште не излезе со соопштение.















