Претседателот на Сојузот на германската индустрија (BDI), Петер Лајбингер, смета дека Германија е во „најдлабоката криза од основањето на Сојузната Република“.
Индустриското производство веројатно ќе падне во 2025 година – четврта година по ред.
Сојузот на германската индустрија (BDI) смета дека националната економија е во „слободен пад“. Индустрискиот сектор на крајот од 2025 година се соочува со драматична ситуација, изјави претседателот на „BDI“, Петер Лајбингер, за агенцијата „DPA“. „Економски, Германија е во најдлабоката криза од основањето на Сојузната Република, но федералната влада не реагира доволно решително“, Лајбингер ја искритикува коалицијата ЦДУ/ЦСУ и СПД, пренесе Дојче Веле.

Во тековниот извештај на „BDI“, се предвидува (нов) пад на индустриското производство од два проценти оваа година. Ова би значело дека обемот на индустриското производство се намалува четврта година по ред. „Ова не е цикличен пад, туку структурен пад“, истакна Лајбингер. Германската индустрија континуирано го губи тлото под нозете, додаде тој. Германската економија е „во слободен пад“, предупреди шефот на моќното здружение на индустријалци.
Сепак, „BDI“ е малку пооптимистичен во однос на Европската Унија. Според нивната анализа, индустриската рецесија во ЕУ веројатно веќе е завршена. „BDI“ ја ревидираше својата претходна прогноза нагоре и сега очекува индустриското производство да се зголеми за еден процент оваа година. Претходната прогноза предвидувала пад од еден процент. И уште една добра вест: „BDI“ не очекува да продолжи падот на германскиот извоз во 2025 година.

Извештајот на „BDI“ се занимава со различни гранки, а меѓу другото, се фокусира и на хемиската индустрија. Неодамна, искористеноста на капацитетите на хемиските фабрики во земјата изнесувала само 70 отсто. Машинското инженерство и челичната индустрија се исто така под притисок. Меѓутоа, ситуацијата во градежната индустрија се чини дека се стабилизира.
Во автомобилската индустрија се очекува зголемување на производството, а во меѓувреме се зголемила и искористеноста на капацитетите. Сепак, се тврди дека вработеноста во автомобилската индустрија сè уште е во негативен тренд. Економските експерти предупредуваат на можноста за намалување на бројот на работни места во клучна гранка на националната економија.

„На Германија сега ѝ е потребна темелна промена во економската политика со јасни приоритети во однос на конкурентноста и економскиот раст“, истакнал Лајбингер. Секој месец без одлучувачки структурни реформи ќе ја чини Германија дополнителни работни места и просперитет и сериозно ќе го ограничи просторот за маневрирање на земјата во иднина, предупредил шефот на „BDI“. Поточно, Лајбингер бара федералната влада да им даде приоритет на инвестициите – а не на трошењето. Специјалниот фонд (од кој треба да се инвестираат стотици милијарди евра во реконструкција на инфраструктурата и зајакнување на економијата итн.) мора да се користи транспарентно за дополнителни инвестиции, порачаа од „BDI“.

Имено критичарите се жалат дека федералната влада едноставно префрла проекти од државниот буџет во тој посебен фонд за инфраструктура и заштита на климата, со цел потоа да ги користи ослободените средства од буџетот за финансирање на разни проекти на социјалната држава, како што се таканаречените „пензии за мајки“. Се работи за мерка што била усвоена на инсистирање на баварската ЦСУ. Нејзината цел е да се зголемат пензиските примања за мајките (и татковците), вклучувајќи го во пензијата времето што го поминале дома (а не на работа) одгледувајќи деца.














