Муртезани во Брисел на средби во ГД РЕГИО и ГД ЕНЕСТ

Макфакс

01/12/2025

18:14

91

Големина на фонт

а а а

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во рамки на првиот ден од работната посета на Брисел, имаше одвоени средби со генералната директорка на Генералниот директорат за регионална и урбана политика на Европската комисија (ГД РЕГИО), Темис Кристофиду и со директорката во Генералниот директорат за проширување и источно соседство (ГД ЕНЕСТ) при Европската комисија, Валентина Суперти.

Разговорите беа фокусирани на унапредување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, спроведувањето на реформите и продлабочувањето на соработката со институциите на Европската Унија.

Во разговорот со генералната директорка Кристофиду, министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната поддршка што Европската комисија ја обезбедува преку Генералниот директорат за регионална и урбана политика, особено во делот на територијалната и прекуграничната соработка. Тој се осврна на тековното претседавање на Северна Македонија со Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR), нагласувајќи дека земјата, и покрај почетните предизвици, успешно ги реализира планираните активности во рамки на програмата на претседавањето. Министерот подвлече дека Владата останува целосно посветена на зајакнување на регионалната поврзаност, промовирање на одржлив развој и зголемување на видливоста на земјата во рамки на макрорегионалните иницијативи на Унијата. Двете страни се согласија за продолжување на тесната соработка во насока на финализација на претседателството и подготовка на годишниот форум на EUSAIR.

На средбата со директорката Суперти детално се разговараше за напредокот во спроведувањето на реформските активности во контекст на европската агенда, како и за приоритетите на Владата во периодот што следи. Министерот Муртезани ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија за финализирање на патоказите за јавната администрација, владеењето на правото и странските инвестиции, како и активностите поврзани со Реформската агенда и Планот за раст. Во фокусот на разговорот беа и очекувањата за отворање на Кластер 1, како и прашања поврзани со Спогодбата за стабилизација и асоцијација и за мерките кои влијаат врз челичната индустрија во земјата. Министерот го потенцираше значењето на економската интеграција и рамноправниот пристап до европскиот пазар како клучни елементи за стабилност и развој, а беше изразена и подготвеност од страна на Европската комисија за понатамошна техничка поддршка и координација во спроведувањето на реформите.