Продолжува повратот на средствата од мерката „Мој ДДВ“ за скенирани сметки, соопшти Управата за јавни приходи

Макфакс

01/12/2025

15:47

179

Големина на фонт

а а а

Управата за јавни приходи информира дека повратот на средства од мерката „Мој ДДВ“ за скенирани сметки во третиот квартал од 2025 година продолжува, односно не е прекинат, ниту откажан.

„Во процесот на исплата кај некои од спецификациите се појави технички проблем, кој бара нивна целосна преработка. Имено, доколку постои дури и само еден налог, каде што се појавува корисник со промена на банка или трансакциска сметка, целата пратка системски се враќа и средствата не се исплаќаат кон сите корисници што се во ист налог како и корисникот што извршил промена. Овој предизвик е веќе идентификуван и надлежните служби работат на негово надминување. Целта е да се обезбеди точна и правична исплата за сите граѓани, без исклучок“.

Од Управата појаснуваат дека исплатата за корисниците со валидни и потврдени податоци е во тек, а за преостанатите ќе биде реализирана веднаш по завршување на техничката преработка.

Апелираат до граѓаните: доколку вршат промена на банка или трансакциска сметка, потребно е веднаш да направат ажурирање на податоците во системот.

„Со тоа ќе се избегнат вакви ситуации во иднина и ќе се овозможи навремена исплата на сите корисници. Граѓаните може да бидат спокојни – средствата што им следуваат од ‘Мој ДДВ’ ќе бидат исплатени“.