Владата и СЗО потпишаа петгодишна стратегија за соработка во областа на здравството

Макфакс

01/12/2025

15:42

88

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и Аким Али, шеф на Канцеларијата на СЗО во нашата држава, денес потпиша петгодишна стратегија за соработка меѓу Владата и СЗО 2026 – 2030 година. На настанот со онлајн-вклучување се обрати и директорот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге.

„Денешниот ден отвора ново поглавје во соработката со Светската здравствена организација, заеднички ја потпишавме нашата прва петгодишна стратегија за соработка – документ создаден заедно со сите институции и партнери, кој ќе ги насочи реформите во здравството до 2030 година. Стратегијата се фокусира на модернизација на примарната здравствена заштита, целосна дигитална трансформација, унапредување на здравствената заштита на мајките и децата, еколошкото здравје и климатската отпорност, и тоа во согласност со зелената агенда на Владата. Исто така, со оваа стратегија се опфатени и заштитата на ранливите групи, планирањето на човечките ресурси во здравството, јавното здравје, здравствената безбедност и подобра подготвеност при кризни состојби. Стратегијата ни овозможува јасен план, партнерство и поддршка за заедничко реализирање на клучните реформи“, посочи министерот Алиу по потпишувањето.

Тој ги истакна одличната меѓусекторска соработка и поддршката од другите сектори. Оваа стратегија го обединува целиот владин систем околу целите за здравје и благосостојба на населението.

„Особено сакам да им се заблагодарам на СЗО и на сите министерства и партнери за нивниот придонес. Со оваа стратегија го поставуваме темелот за посилно, помодерно и поправедно здравство за сите граѓани. Сето ова е симболична потврда на силната политичка волја, националната посветеност и партнерството меѓу Владата и СЗО за спроведување на клучните здравствени реформи“, истакна Алиу.