Крај на ерата на Благоја Милевски, ФФМ одлучи да не му го продолжи договорот: „Време е за свежа енергија“

Точка

01/12/2025

14:03

712

Големина на фонт

а а а

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска донесе одлука да не му го продолжи договорот на селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, чиј мандат истече вчера, на 30-ти ноември, оценувајќи дека репрезентацијата има потреба од свежа енергија и мотив за претстојните предизвици.

Од ФФМ му се заблагодарија на досегашниот селектор и неговиот стручен штаб за посветената работа, професионалната соработка и постигнатите резултати.



Милевски ја презеде националната селекција во август 2021 година, веднаш по Европското првенство, и ја предводеше Македонија на 48 натпревари. Под негово водство, тимот забележа 18 победи, 14 нерешени резултати и 16 порази. Репрезентацијата успеа да избори два бараж дуели за пласман на Светско првенство, заврши како првопласирана во Ц сегментот од Лигата на нации и обезбеди настап во Б дивизијата во следното издание на натпреварувањето.

Милевски ја водеше Македонија до бараж за СП 2022 година во Катар, каде загуби во финалето од Португалија, откако претходно селекцијата ја елиминираше Италија во историскиот меч во Палермо.

Се очекува ФФМ наскоро да назначи нов селектор. Најсериозен кандидат е сегашниот тренер на „Вардар“ и поранешен капитен на репрезентацијата, Гоце Седлоски. Одлуката за назначување на нов предводник на А репрезентацијата ќе биде донесена најдоцна до 25 декември 2025 година.