Третиот кикс во низа на Реал Мадрид значеше дека тимот на Чаби Алонсо повеќе не е лидер на табелата во Ла Лига, а тоа посебно тешко му падна на Килијан Мбапе кој до оваа фаза на сезоната не добива награда за импресивниот голгетерски учинок кој го има.
Трите реми средби во низа против Рајо Валјекано, Елче и Џирона и трите освоени бода од максимални девет се нешто што никако не може да ги задоволи навивачите на Реал, нешто за што секако е свесен Французинот кој вчера беше стрелец на единствениот гол за неговиот тим.
Мбапе израмни од пенал во второто полувреме и ја продолжи голгетерската серија, но сепак тоа беше недоволно за да се спречи низата без победа во домашното првенство.
Килијан не ја криеше фрустрацијата по последниот судиски свиреж откако натпреварот заврши 1:1, а потоа реши да е огласи и преку социјалните мрежи каде испрати јасна порака до соиграчите.
– Ова не е резултатот кој го посакувавме, но Ла Лига продолжува и има уште многу за игра. Мора да ја промениме динамиката и да покажеме што сме како тим, – порача Мбапе.







