Пензионерка од Швајцарија била уверена дека е во врска со Бред Пит, а на измамникот му уплатила речиси 100.000 долари. Таа дури и отпатувала во Соединетите Американски Држави, каде што поминала три недели сама во хотелска соба, чекајќи славниот актер да се појави.
Жена која се претставува како Патриша навела дека сè започнало во мај 2024 година, кога заследила Инстаграм профил на Бред Пит и примила порака од некој што тврдел дека е негов менаџер. Лицето ја прашало дали би прифатила да разговара директно со актерот, на што таа се согласила.
„Почнавме нормално да комуницираме, како две личности кои се сретнуваат на многу убав начин“, изјавила таа. Додала дека продолжиле да си пишуваат и дека тој на крај ѝ признал дека ја сака.
„Ми поставуваше многу прашања за тоа како се чувствувам, какви работи ми се допаѓаат, како гледам на животот, а потоа еден ден ми призна дека е вљубен во мене“, рекла за „Mise Au Point“.

Измамникот ја замолил никому да не зборува за нивната врска. Тој тврдeл дека мора да му уплати пари за да можат да се запознаат.
„Драга, мојот менаџмент бара 50.000 долари“, ѝ напишал, додавајќи дека тоа е вообичаена цена за сите што сакаат да го запознаат. Таа првично го одбила ова, но подоцна самата се убедила дека можеби навистина така функционираат работите.
„Никогаш претходно не сум била во контакт со актер“, рекла таа. Му испратила 30, па 20 илјади долари.
Кога вистинскиот Бред Пит се појавил на Филмскиот фестивал во Венеција, се надевала дека конечно ќе ѝ се оствари сонот. Се спакувала и чекала повик да му се придружи. Но, тоа никогаш не се случило. Измамникот ѝ испратил цвеќе и порака: „Многу те сакам, душо. Едвај чекам да го поминеме остатокот од животот заедно, Пит“.
По првите уплати, ѝ станало сè потешко да се откаже. Измамникот побарал 10.000 долари за наводни медицински трошоци, а потоа уште 10.000 долари. Потоа ѝ предложил да се запознаат во САД.

Отпатувала во Лос Анџелес. Сепак, на крајот поминала три недели сама во хотелот. Му испратила уште 20.000 долари пред да се врати дома.
Кога се вратила во Швајцарија, ја видела приказната за Французинката која на друг измамник му уплатила 800.000 евра затоа што била уверена дека и тој е Бред Пит. Дури тогаш сфатила дека и самата станала жртва на измама. Сè пријавила во полиција каде што кажала дека му уплатила речиси 100.000 долари.
„Тоа е неизмерен срам. Поминав речиси една година во врска што не постоеше. Се прашувате: ‘Како можев да бидам така искористена?’“, рекла таа.











