Ново откритие во вселената: Атмосферата на Марс е електрично активна

Точка

26/11/2025

20:21

288

Големина на фонт

а а а

Роверот "Perseverance" на НАСА откри докази дека атмосферата на Марс е електрично активна, регистрирајќи електрични празнења – она што еден научник го опиша како „мини-молњи“ – поврзани со вителите што редовно се движат по површината на Црвената планета.

Роверот со шест тркала, кој го истражува Марс од 2021 година во регионот познат како кратер Езеро на северната хемисфера, ги забележал овие електрични празнења преку аудио и електромагнетни снимки направени со инструментот за далечинско истражување "SuperCam", соопштија научниците.

Ова претставува прва документација за електрична активност во разредената марсовска атмосфера.

„Овие празнења претставуваат големо откритие, со директни импликации за хемијата на атмосферата на Марс, неговата клима, можностите за населивост и идните роботски и човечки мисии“, изјави планетарниот научник Батист Шиде од Институтот за астрофизика и планетологија во Франција, главен автор на студијата објавена во списанието "Nature".


„Електричните полнежи неопходни за овие празнења веројатно влијаат на движењето на прашината на Марс – процес кој е суштински за климата на планетата, а сè уште е недоволно разбран. Дополнително, овие електростатички празнења можат да претставуваат ризик за електронската опрема на сегашните роботски мисии – а можеби и опасност за астронаутите кои еден ден ќе ја истражуваат планетата“, додаде тој.

Научниците анализирале 28 часа снимки направени со микрофонот на роверот во текот на две марсовски години, откривајќи 55 електрични празнења, најчесто поврзани со вителите и фронтовите на прашливите бури.

„Не откривме молња според вообичаената дефиниција. Тоа беше мала искра, можеби долга неколку милиметри — не вистинска молња. Звучеше како искра или како пукање на камшик“, изјави планетарниот научник и коавтор Ралф Лоренц од Лабораторијата за применета физика при Универзитетот Џон Хопкинс.


Шеснаесет електрични празнења биле забележани за време на два блиски средби на "Perseverance" со прашливи вители.

Друга студија објавена во октомври покажа дека вителите се чест природен феномен на сувиот и прашлив Марс, при што две орбитални летала регистрирале брзини на ветрови од околу 158 km/h во тие вители што ја креваат прашината во атмосферата.

Внатрешната динамика на прашливите вители ги создава овие електрични празнења.


„Би ги нарекол ’мини-молњи‘“, рече Шиде. „Феноменот е предизвикан од триење на ситните зрнца прашина што се удираат едно од друго во атмосферата, при што се акумулираат електрони, а потоа нивниот полнеж се ослободува во форма на електрични лакови долги само неколку сантиметри, проследени со звучни ударни бранови.“

Со ова откритие, Марс им се придружува на Земјата, Сатурн и Јупитер како планети за кои е познато дека имаат атмосферска електрична активност. Иако тоа сè уште не е директно документирано, научниците сметаат дека и други светови од нашиот Сончев систем може да ја имаат оваа појава, вклучително и Венера, Уран и месечина Титан на Сатурн.