Флорентино Перез денеска имаше свој говор на Генералното годишно собрание пред делегатите на Реал Мадрид, а за време на обраќањето кое траеше 1 час и 18 минути и кое одеше во живо, претседателот на „кралскиот клуб“ распали по речиси сите фудбалски естаблишменти, вклучувајќи ги УЕФА, Ла Лига, но и големиот ривал Барселона.
Првиот човек на Реал подолго време води војна со УЕФА за нереализираниот проект Суперлига, веќе со години наназад има нарушен однос со Хавиер Тебас кој е прв човек на Ла Лига, но има заладени односи и со Жоан Лапорта и Барселона поради „Негреира“ случајот кој не добива своја разрешница.
Сите овие точки беа опфатени во долгиот говор на претседателот на Реал, кој на крајот заврши со громогласен аплауз од сите присутни делегати.
– Не сакам да испадне дека сме против се и секого, ние само се спротивставуваме на она што е нелегално и неетичко. Не е нормално некој да се обидува да ги спречи клубовите во намерата да организираат свој турнир (Суперлига). Не е нормално УЕФА да ни ја диктира судбината и да не принудува да играме на турнири и формати кои им штетат на навивачите. Никој не може да не санкционира за тоа што го сакаме, а тоа се докажа на спортскиот суд. Прво имаме право да бидеме обесштетени од УЕФА и право да продолжиме со идејата, а верувајте дека ќе ги водам двата процеси, – изјави Перез, најавувајќи дека ќе води правна битка против Европската фудбалска Федерација.
– Исто така, не е нормално што претседателот на Ла Лига (Хавиер Тебас) сака да ни наметне играње на натпревар во Мајами, нешто со кое не се согласи дури ниту капитенот на Барселона, Френки Де Јонг. Покрај тоа, не е нормално Ла Лига да загарантира дополнителна финансиска стимулација за два клуба (Вилјареал и Барселона), кога ниту еден друг клуб не се согласи за тој натпревар. Згора на се, тој натпревар не беше поддржан ниту од УЕФА. За крај, не е нормално што вработените во Ла Лига заработуваат шест пати повеќе од оние во Премиер лигата, – посочи Перез, кој потоа испрати рафал и за случајот „Негреира“.
– Нивото на судење на Шпанија исто така е срамно и не е нормално. Срамота е што ФИФА не бира ниту еден од актуелните шпански судии. И секако, не е нормално што Барселона како клуб платила 8 милиони евра на потпретседателот на судиското здружение во период од 17 години. Тој човек држел важни позиции во судиското тело, а токму во тој период, случајно или не, пристигнаа најдобрите резултати на Барселона во историјата, – заврши Перез.









