Калас: ЕУ има многу јасен план – да ја ослабне Русија и да ја поддржи Украина

Макфакс

20/11/2025

20:02

200

Големина на фонт

а а а

Европската унија има многу јасен план, а тоа е да ја ослабне Русија и да ја поддржи Украина, изјави денес високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас.

„Притисокот мора да биде врз агресорот, а не врз жртвата. Наградувањето на агресијата само ќе поттикне поголема агресија. ЕУ има многу јасен план од две точки, првиот е да ја ослабне Русија, а вториот е да ја поддржи Украина“, рече Калас по завршувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.

Министерскиот состанок се одржа по протечените информации дека САД преговараат за план со Русија што ќе бара од Украина да се откаже од дел од својата територија и да ги намали своите вооружени сили.

„Министрите беа доста смирени во врска со тоа бидејќи претходно видовме различни мировни планови кои не можат да функционираат освен ако Европејците и Украинците не се согласат со нив“, рече Калас.

Калас рече дека на министрите им биле презентирани информации што јасно го покажуваат влијанието на санкциите врз Русија.

„Извозот на руска сурова нафта падна на најниско ниво во последните месеци, даночните приходи од нафта се најниски од почетокот на војната. Санкциите силно ја погодуваат Русија, а доаѓаат уште повеќе“, рече Калас, додавајќи дека приоритет сега е да се казни таканаречената руска флота во сенка, неосигурени бродови што пловат со странски знамиња и се користат за заобиколување на санкциите врз извозот на нафта.

ЕУ досега воведе санкции за 550 такви бродови и има намера да продолжи да го прави тоа. Идејата е ваквите бродови да се стават на списокот на санкции побрзо, без да се чекаат нови пакети санкции.

Неколку министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ се спротивставија на планот, според кој Украина ќе мора делумно да се разоружа и да предаде уште поголем дел од својата територија.

„Мирот не може да биде капитулација. Украинците сакаат праведен мир што го почитува суверенитетот на сите, траен мир што не може да биде доведен во прашање од идна агресија“, рече францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски рече дека Украина, „жртва на агресија, не може да наметнува ограничувања на својата способност да се брани“.

Во врска со поддршката за Украина, многу министри рекоа дека заемот за репарација врз основа на замрзнати руски средства е најдобриот начин да се помогне на Украина, рече Калас.

Сè уште нема договор за користење на руските замрзнати средства. Најголемата пречка е Белгија, каде што се наоѓаат поголемиот дел од замрзнатите средства на Русија, која бара цврсти гаранции дека нема да го носи товарот ако има арбитражна одлука дека средствата мора да се вратат во Русија.

Шведската министерка за надворешни работи Марија Стенергард го нарече „срамно“ тоа што ЕУ продолжува да увезува од Русија.

„Нашиот увоз од Русија ја надминува нашата помош за Украина за огромни 124 милијарди евра. Срамно е“, рече таа.

На состанокот беа дискутирани и нападите врз полската железничка мрежа. „Русија спроведува тероризам спонзориран од државата“, вели Калас.

Шефицата на европската дипломатија вели дека Русија регрутира ситни криминалци преку Интернет за да извршуваат слични акти на саботажа.

„Можеме да се справиме со тоа ако се справиме со ова онлајн регрутирање. Тоа е под надлежност на земјите-членки, а некои земји имаат повеќе искуство, па затоа е важно да споделуваме добри практики во борбата против овие ситни криминалци“, рече таа.