Зголемени тензии меѓу Пекинг и Токио – Кина го блокира јапонскиот извоз на морска храна

Макфакс

19/11/2025

18:02

244

Големина на фонт

а а а

Кина денес го известила Токио дека повторно ќе го забрани увозот на јапонски морски плодови, јавуваат медиумите. Одлуката доаѓа во момент на растечка дипломатска тензија меѓу двете земји, пренесе Ројтерс.

Причина за заострувањето беше изјавата на новата јапонска премиерка Санае Такаичи, која рече дека кинески напад на Тајван би претставувал закана за Јапонија. Пекинг побара повлекување на изјавата и ги предупреди своите граѓани да не патуваат во Јапонија. Поради тоа, Кинезите масовно откажуваат резервации, што може да му наштети на јапонското стопанство.

Кина пред неколку месеци делумно ги ублажи ограничувањата за увоз на јапонска морска храна, воведени поради испуштањето пречистена вода од нуклеарката „Фукушима“ во океанот. Тогаш дозволи увоз од 37 префектури, а го забрани од 10 други.

Според извори на агенцијата Кјодо, повторната забрана е образложена со потреба од понатамошно следење на водата од нуклеарката. Кинеското министерство за трговија и царината не одговориле на барањата за коментар.

За јапонските извозници ова е тежок удар: Кина некогаш купувала над една петтина од вкупниот јапонски извоз на морски плодови. Околу 700 јапонски компании поднеле барање повторно да извезуваат во Кина, но досега се одобрени само три.