"Abarth" ја слави 65-годишнината на рекордот, но не со нов автомобил – туку со часовник

Точка

19/11/2025

13:28

372

Големина на фонт

а а а

"Abarth" ја одбележува 65-годишнината од поставувањето на светските рекорди со моделот "1000 Monoposto". Наместо лимитирана серија на автомобил, брендот се здружи со производителот на часовници "Breil" и претстави специјален хронограф ограничен на само 465 примероци.

Поставување на рекордите

Да се вратиме накратко во историјата. На 20 октомври 1965 година, основачот Карло Абарт постави светски рекорди на четвртина милја и на 500 метри со специјалниот болид "Abarth 1000 Monoposto Record". Овој едносед се темелеше на тогашниот болид од Формула 2 и беше опремен со мотор од 982 ccm, кој развиваше 105 коњски сили при 8.800 вртежи во минута. Тежеше само 500 килограми, а за да си овозможи најдобри шанси за рекорд, самиот Карло Абарт пред обидот ослабел околу 30 килограми.


Возејќи на патеката "Autodromo Nazionale Monza", Абарт ги постави рекордите на четвртина милја и 500 метри со времиња од 13,62 секунди, односно 15,38 секунди – во категоријата Г, според работната зафатнина. Веднаш потоа во автомобилот беше вграден посилен 2,0-литарски мотор со 216 коњски сили, па веќе следниот ден беа соборени нови рекорди: 11,55 секунди на четвртина милја и 13,37 секунди на 500 метри – овојпат во Е-класа.

Денес, овој историски автомобил е дел од музејот "Heritage Hub" во Торино, а љубителите на "Abarth" можат да му оддадат почит преку новиот часовник – иако мора да се каже дека сличностите меѓу автомобилот и часовникот се прилично ограничени.


Што го прави овој часовник посебен?

"Breil Abarth 1000" се истакнува со црно куќиште од не’рѓосувачки челик во комбинација со ковани и класични јаглеродни влакна. Копчињата "Start" и "Stop" се поставени на позициите 2 и 4 часот. Часовникот има скелетонизирани сказалки од IP-литиум со светлечки премаз.


Предната страна е изработена од висококвалитетно сафирно стакло, а на задниот капак е впишан серискиот број и натписот:

„1965 – 2025, Abarth 1000, 60 anni di storia.“

Иако вистинските ентузијасти веројатно би се воодушевиле повеќе од лимитирана серија автомобили, овој часовник претставува елегантен и достапен начин да се прослави еден од најзначајните моменти во историјата на брендот со знакот на скорпија.