Летовите за оваа земја масовно се откажуваат, туристичките резервации опаднале за 80 отсто: Еве која е причината

Точка

19/11/2025

14:22

1.141

Големина на фонт

а а а

Повеќе од десет кинески авио-компании веќе понудија поврат на средства за авионски карти на летовите кон Јапонија до 31 декември, а според проценката на еден аналитичар, откажани се околу 500.000 летови.

Неколку дена откако Кина им препорача на своите граѓани да не патуваат во Јапонија поради дипломатскиот спор, токиската туристичка агенција „East Japan International Travel Service“ изгубила околу 80 проценти од резервациите до крајот на годината.

Предупредувањето за патување, предизвикано од изјавата на јапонската премиерка Санае Такаичи за кинескиот регион Тајван, доведе до бран откажувања на летови и пад на вредноста на туристичките акции во Јапонија, пренесе денес Ројтерс.

„Ова е огромна загуба за нас“, изјави потпретседателката на агенцијата Ју Џиншин.


Туризмот сочинува околу седум проценти од јапонскиот бруто-домашен производ (БДП), наведува Светскиот совет за патувања и туризам, а последниве години претставува еден од главните двигатели на растот. Туристите од континентална Кина и Хонгконг сочинуваат околу една петтина од сите доаѓања, покажуваат официјалните податоци.

„Nomura Research Institute“ проценува дека бојкотот би можел да предизвика загуби од околу 2,2 билиони јени (14,23 милијарди долари) годишно. Јапонските туристички акции бележат пад од моментот кога предупредувањето беше објавено во петокот.

Најмалку седум кинески авио-компании, вклучувајќи три државни превозници, соопштија дека ќе им понудат бесплатно откажување на летовите на патниците со резервирани билети за оваа земја.

Аналитичарот за воздушен сообраќај, Ханминг Ли, изјави дека податоците за полетувањата сугерираат дека околу 500.000 авионски билети за Јапонија биле откажани меѓу 15 и 17 ноември.


Такаичи, според оценката на Ројтерс, го предизвика најголемиот дипломатски спор во последните неколку години меѓу двете најголеми економии во Азија, кога во парламентот изјави дека кинескиот напад на Тајван кој го загрозува опстанокот на Јапонија би можел да доведе до воен одговор.

По бран жестоки реакции од кинескиот дипломат во Јапонија и од државните медиуми, Токио во понеделник ги предупреди своите граѓани во Кина да ги зголемат мерките за безбедност и да избегнуваат гужви. Пекинг бара Такаичи да ги повлече изјавите, додека Токио наведува дека тие се во согласност со официјалната политика, па напредок во спорот не се очекува.