Алкарас за револуцијата која ја предложи Надал: Не се согласувам со него

Дерби

19/11/2025

12:17

669

Големина на фонт

а а а

Карлос Алкарас поради повреда на задната ложа го откажа учеството на Дејвис Купот и нема да може да и помогне на својата репрезентација, а при враќањето во Шпанија, веднаш одработи интервју со угледната „Марка“.

Алкарас ја заврши сезоната како светски рекет број еден и покрај поразот на завршниот Мастерс од Јаник Синер, а покрај тоа што говореше за сите успеси кои ги оствари во 2025-та година, Алкарас се осврна и на една тема која стана доста актуелна од минатата недела.

Тони Надал предложи револуционерна промена во тенисот и предложи во иднина да се игра со помали рекети, од едноставна причина што смета дека актуелниот тенис се сведува само на сила и разорни удари, а не на техника и убавина како што беше случај претходно.

Алкарас не го дели ставот на чичкото на Рафа и покрај тоа што максимално го почитува неговото тениско знаење, бидејќи според него, враќање на помали рекети ќе значи враќање во минатото.

– Враќање на помали рекети ќе значи враќање во минатото, правење чекор назад. Тенисот почнал со дрвени рекети, потоа имало метални и алуминиумски, а сега имаме други видови на рекети со најсовремена технологија кои овозможуваат да бидете поефективен. Порано тенисот се играше подиреткно, без многу спин и без толку голема брзина.

– Со текот на годините, па и во времето на Рафа Надал, играта почна да се забрзува и се играше побрзо од порано, но сега играта е уште побрза. Не можеме да одиме против еволуцијата и технологијата, мора да бидеме физички подготвени за брзината со која се игра тенисот во овој момент. Би рекол дека не ја прифаќам идејата на Тони, – изјави Алкарас.