Италијанскиот министер за одбрана: Русија нè напаѓа, хибридната војна е постојана

Макфакс

19/11/2025

09:38

144

Големина на фонт

а а а

Министерот за одбрана на Италија, Гвидо Кросето, упати силен повик до Западот да одговори на зголемената фреквенција на руски хибридни напади, кои ги опиша како потенцијално катастрофални, пишува Politico.

Во сеопфатен документ од 125 страници, објавен вчера попладне под наслов „Спротивставување на хибридното војување: Активна стратегија“, Кросето остро ја осуди инерцијата на европските и НАТО сојузниците во услови на сè подрска руска агресија.

„Хибридната војна е постојана и напаѓа критична инфраструктура, центри за донесување одлуки, основни услуги и ткивото на секоја земја, со дневни и растечки ризици од катастрофална штета“, се наведува во документот. „Ние сме нападнати, а хибридните бомби продолжуваат да паѓаат: Времето да се дејствува е сега.“

Кросето го нарече апсурдно и неодржливо тоа што Западот прави толку малку за да одговори на руските напади. Тој повлече паралела: ако бевме нападнати од копнена армија, немаше само да се барикадираме дома и да се надеваме дека ќе си одат.

Тој нагласи дека Западот е вклучен во асиметричен конфликт и поседува алатки за одговор, но неговите акции постојано заостануваат зад Русите поради тоа што се попречени од сопствените демократски процеси и бавното донесување одлуки во ЕУ и НАТО, кое се базира на консензус.

Документот наведува и други земји како закани, вклучувајќи ги Кина, Иран и Северна Кореја.

Министерот предупредува дека фреквенцијата на хибридни напади се зголемува затоа што Кремљ на Владимир Путин користи „интегрирана употреба на воени и невоени алатки за дестабилизација на своите конкуренти, нарушување на нивната внатрешна кохезија и влијание врз нивната политичка волја“.

Примерите вклучуваат голем број инциденти: тврдења дека озлогласена руска воена разузнавачка група хакери ги таргетирала компаниите што ѝ помагаат на Украина, палење на магацини за опрема во Полска, користење на мигранти од страна на Белорусија за дестабилизација на Полска, мистериозни беспилотни летала околу европските аеродроми и тврдења за руско поткопување на претседателските избори во Романија.

За да се спротивстави на овие закани, Кросето изнесе конкретни предлози. Тој се залага за формирање европски центар за борба против хибридното војување и формирање на кибер сила со 1.500 членови. Покрај тоа, тој предлага вработување воен персонал специјализиран за вештачка интелигенција, заштита на синџирот на снабдување и експерти за борба против дезинформации.