Со посебна почит кон болката на семејствата на загинатите, судијката Диана Груевска-Илиевска на почетокот на судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ кој однесе 63 животи, рече дека никој не може да претпостави колку време ќе трае постапката. Таа ги повика сите учесници на дисциплина за да може да се дојде до вистината и правдата.
„Не можам да ви гарантирам брзина, но повикувам на дисциплина и редовност за да дојдеме до вистината и до правдата. Колку ќе трае судењето, дали ќе бидат пет месеци или пет години никој не може да знае“, рече судијката Груевска-Илиевска.
Најави транспарентност за време на судењето, а оштетените ги замоли на судењата да се договорат да испраќаат по еден член кој подоцна ќе им ги пренесува информациите оти и најголемата судница во земјава се покажа тесна.
Судијката повика на дисциплина на судењата и нагласи дека секој што нема да ги почитува „правилата на игра“ ќе биде опоменат, а втора опомена ќе значи исфрлање од судница или парична казна.

За заштита од непотребни одлагања, судијката рече дека судот дополнително ќе ги проверува сите лекарски белешки.
Судењето почна утрово, но повеќе од еден час трае евиденција на присутните.
Ова е најголемо судење во земјава со обвинети 35 физички и три правни лица, 15 обвинители, а многумина од обвинетите имаат и по двајца адвокати.















