[ВО ЖИВО] Почнува судењето за пожарот во „Пулс”: Роднини на загинатите молкум го следат пристигнувањето на обвинетите

Макфакс

19/11/2025

09:33

1.423

Големина на фонт

а а а

Под силно полициско обезбедување утрово почнува судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ во кој загинаа 63 лица.

Покрај новинарските екипи еден час пред почетокот на судењето пред новата судница во Идризово се дојдени роднини и семејства на загинатите. Молкум ги гледаат полициските комбиња во кои пристигнуваат обвинетите.

Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница било кабарето „Пулс“.


Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.

Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.

Според обвинителниот акт, со години се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да функционира иако не ги исполнувал ниту минималните услови за безбедност. Обвинети се сопственици на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, ексградоначалници, инспектори, обезбедувачи и државни функционери.