Италијанската државјанка Марија Викторовна Захарова, која има исто име како и портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, изјавила дека поради санкциите на ЕУ, има доцнења во исплатата на платите и дополнителни проверки при вршење банкарски трансакции и отворање сметки.
Захарова живее во Италија од 2008 година и има италијанско државјанство.
Нејзиното целосно име е Марија Викторовна Захарова, додека портпаролката на руското Министерство за надворешни работи го користи патронимот „Владимирова“, но во италијанските документи го користи само името Марија Захарова бидејќи во таа земја нема систем на патроними.

„Моите сметки и картички повремено беа блокирани, платата ја добивав два до три дена подоцна од моите колеги поради сите проверки“, изјавила Захарова за порталот РБК Русија.
Таа додала дека и нејзината мајка имала сличен проблем, на која ѝ биле потребни две недели за да ѝ биде одобрена банкарската картичка.
Меѓутоа Захарова нагласила дека нема намера да го промени своето име или презиме поради овие проблеми.
Слични случаи и претходно биле регистрирани во ЕУ, кога граѓани со исти имиња како оние под санкции се соочиле со доцнење на платите и замрзнување на сметките.







