Советник од Карпош пред исклучување од СДСМ поради гласање спротивно на ставовите на партијата

Макфакс

17/11/2025

19:58

322

Големина на фонт

а а а

На денешната седница Извршниот одбор на СДСМ донесе одлука да почне постапка за исклучување од членство член на Советот на општина Карпош, заради непочитување на одлуките и ставовите на СДСМ и работење спротивно на интересите на партијата.

„Советникот гласаше за изборот на претседател на Советот во Карпош спротивно на партиските одлуки и ставови. Согласно Статутут на СДСМ, непочитување на одлуките, работење и гласање спротивно на интересите на СДСМ како и нанесување значителна штета на партијата повлекува одговорност а тоа се однесува и на сите избрани советници“, велат од партијата.

Социјалдемократите преку соопштение додаваат дека најостро ги осудуваат сите притисоци, уцени и закани врз советниците во советите на општините на локално ниво од страна на ВМРО-ДПМНЕ, за што партијата ќе преземе соодветни мерки за нивна заштита.

Mинатата недела се одржа првата конститутивна седница на Советот на Општина Карпош, кога со 14 гласови „за“, досегашниот уметнички директор на Операта, Христо Саракинов, беше избран за претседател на Советот на Општина Карпош. ВМРО-ДПМНЕ има 11 советници, Коалицијата „Искуство за успех“, СДСМ и Левица имаат по 4 советници, независната граѓанска иницијатива „Независни за Карпош“ три советници и ЗНАМ има еден советник. За изборот на Саракинов покрај советниците на ВМРО-ДПМНЕ и советникот на ЗНАМ, гласаа советникот од ГРОМ Зоран Краљевски и советникот од СДСМ Радослав Трошановски. Со тоа беа обезбедени 14 гласови „за“ и Саракинов беше избран за претседател на Советот на Општина Карпош.