Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија пред неколку дена објави дека спречила атентат врз висок руски функционер, односно експлозија што требало да се изврши на гробот на неговите најблиски на московските гробишта со помош на видеокамера скриена во вазна со цвеќе.
Руските медиуми сега јавуваат дека цел на нападот бил главниот советник за безбедност на претседателот на Русија и поранешен министер за одбрана, Сергеј Шојгу.
„Федералната служба за безбедност спречи терористички чин планиран од специјалните служби на Украина против еден од највисоките функционери на руската држава кога тој го посетил погребното место на блиски роднини на гробиштата Троекуровски“, објави ФСБ, без да го именува службеното лице. Уапсени се вкупно три лица, сопружници од Русија и мигрант од Централна Азија.
Според ФСБ, украинските безбедносни служби регрутирале нелегален мигрант од Централна Азија, двајца претходно осудени руски наркомани приведени во Москва и Шамса Јалолидин Курбанович, родена во 1979 година и жител на Киев, која е барана во Русија за убиство и нелегална трговија со оружје.
ФСБ соопшти дека комуникациските уреди запленети од осомничениот содржеле преписка со службеник на украински специјални служби преку „Ватс ап“ и „Сигнал“. ФСБ, исто така, извести за откривање на камера во вазна со цвеќе, опремена со далечински управувач, која требало да се користи во нападот.







